ЗИМСКИ ЕВРОПСКИ МЛАДИНСКИ ОЛИМПИСКИ ФЕСТИВАЛ
Македонскиот натпреварувач во нордиско скијање, 15-годишниот Виктор Чакаровски, вчера го имаше својот деби-настап на зимскиот Европски младински олимписки фестивал (ЕМОФ) во Бакуриани (Грузија). Тој во трката на 10 км слободен стил, на тешката патека го даде својот максимум освојувајќи го во мошне силна конкуренција 68-то место. Златниот медал му припадна на 17-годишниот италијански натпреварувач Даниел Педранзини.
– Настапот на вакво големо натпреварување е вредно искуство за Виктор, кој ја претставува Македонија. Секој старт носи нова можност за учење и напредок, а ова е само почеток на неговото меѓународно спортско патување – пишува Македонскиот олимписки комитет (МОК).
Биатлонецот Гиноски, кој настапи на првиот натпреварувачки ден, денеска повторно ќе се натпреварува, но во дисциплината спринт со две пукања, трипати по 2,5 км, а свој втор настап ќе има и сноубордерката Ангела Ристевска.
На овој 17-ти по ред спортски младински настан учествуваат околу 900 спортисти од 45 држави, кои се натпреваруваат во осум спорта (алпско скијање, биатлон, нордиско скијање, уметничко лизгање, слободно скијање, хокеј на мраз, брзо лизгање на кратки патеки и сноуборд). Македонија ја претставуваат Петар Гиноски (биатлон), Евгениј Ристевски (сноуборд), Ангела Ристевска (сноуборд) и Виктор Чакаровски (нордиско скијање). Г.И.