Од домашните боксери Аце Русевски беше првиот освојувач на „Златниот гонг“ во 1975 година, а беше прогласен за најдобар и три години подоцна. Мајстории на Бенеш и на Вујковиќ на скопскиот ринг. Примислав Димовски со четири освоени трофеи е најуспешен во историјата на „Златниот гонг“

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (325)

„Златниот гонг“ од година на година земаше сѐ поголем замав и стануваше сѐ поатрактивен за гледачите. Причина за ова беа големите боксерски имиња што учествуваа на него и кои секогаш демонстрираа врвен бокс, полн со возбуда, исполнет и со многу мајстории на рингот. Љубителите на боксот откако ќе ја добиеја информацијата за тоа кој сѐ ќе учествува на „Златниот гонг“ со нетрпение очекуваа да почнат борбите. Многумина од нив некако со недоверба ги примаа информациите за учесниците, зашто мислеа оти такви асови нема шанса да дојдат на скопскиот ринг. Но вредните организатори, повторно ќе ги споменам главните носители на сите активности околу „Златниот гонг“, Дуковски и Ајановски, со својот авторитет секогаш успеваа да ги привлечат најквалитетните југословенски боксери и да им приредат уште едно задоволство на гледачите. Така, во 1973 година, кога беше соопштено оти меѓу другите на „Златниот гонг“ ќе учествува и европскиот првак од шампионатот во Белград, Марјан Бенеш, возбудата достигна кулминација. Сите сакаа да го видат фајтерот од Бања Лука, кој со своите храбри и бескомпромисни борби стана омилен меѓу гледачите.
Меѓутоа, организаторите и таа година, кога Бенеш дојде во Скопје имаа проблем со обезбедување адекватна сала во која требаше да биде поставен рингот. Во ноември некако спортската програма во Скопје беше многу богата. Тогаш кошаркарите на Работнички и одбојкарите на Вардар ги играа редовните кола од првата југословенска лига и тие секогаш имаа предност што се однесува до тоа во која сала ќе играат. За Работнички, кој си беше сопственик и домаќин во салата во Градскиот парк немаше проблем, тој си беше обезбеден. Одбојкарите на Вардар, ако се погодеше во исто време да одиграат некој прволигашки меч, настапуваа во салата во Кале, па така, за „Златниот гонг“ мораше да се бара адекватна сала од оние што ќе останеа на располагање. Така, во годината кога во Скопје на „Златниот гонг“ дојде Бенеш, изборот падна на Универзалната сала. Многумина сметаа оти таа не е соодветна за организирање една ваква приредба, но се покажа спротивното.
Рингот беше поставен на бината на која вообичаено настапуваа најчесто пејачите, музичките состави и оркестрите учесници, на пример, на скопскиот забавен фестивал или на „Златното славејче“, па сега на истиот подиум требаше да ги гледаат и боксерите. Во прв момент на љубителите на боксот им беше малку чудно, во Универзалната да гледаат бокс. Но, ете, и тоа се случи. Но мора да потсетам оти ова не беше првпат во неа да се организира спортски натпревар, зашто се сеќавам една година се играше и женски турнир во кошарка (беа демонтирани редовите на партерот), а се одржа и едно меѓународно првенство на Југославија во пинг-понг. Значи боксерите не беа првите спортски гости во скопската Универзална сала.

Сите погледи свртени кон Бенеш

И во една таква ситуација, кога Универзална беше исполнета до последно место, сите со нетрпение го очекуваа настапот на европскиот шампион, бањалучанецот Марјан Бенеш. Тој, како и секогаш, и овој пат бескомпромисно и самоуверено влезе во финалниот дуел и уште во почетокот се виде оти ќе нема проблеми да стигне до победата. Сите погледи беа свртени кон него, а тој распалуваше и собираше поени против романскиот репрезентативец Дулчеа. Се сеќавам на овој меч, кога во еден момент противникот немајќи друг избор, за да ги избегне налетите, со телото се навали кон Бенеш, кој за да го оддалечи од себе го поттурна. Тогаш, Романецот се оддалечи, но и му се намести со главата, па немајќи друг избор, Бенеш два-три пати како со чекан го удри по тилот, за што нормално беше опоменат од судијата. По мечот во кој европскиот шампион без проблеми дојде до победата, тој изјави: „Јас немав намера така да боксувам, но немав друг избор, противникот со својот начин на борба самиот бараше така да боксувам“. Но токму овој настап на Бенеш ги развесели гледачите и за него уште долго се говореше во скопските боксерски кругови.
Ова беше потсетување на големиот ас, кој подоцна имаше уште многу борби, меѓу кои и онаа со Французинот Коен во Бања Лука, кога пред своите навивачи Марјан Бенеш стана и европски професионален првак во велтер категорија. На тој меч, кој директно беше пренесуван на ЈРТ, овој пат јас како коментатор на ТВ Скопје, успеав прв да се качам на рингот и да добијам изјава од Бенеш. Во почетокот, како што беше вообичаено по напорната борба, го прашав како беше, како го доживеа овој меч, а тој, на изненадување на гледачите, ми одговори со два-три збора, и тоа на македонски, „па добро беше, победив…“ Сите беа изненадени, а јас бев задоволен што прв успеав да дојдам до него и да ја земам првата негова изјава по освоената европска професионална титула.
И кога пишувам за Бенеш, не можам, а да не споменам оти крајот од животот му беше исполнет со многу контроверзии. Сите случувања во поранешната држава тешко ги доживеа. Разгорените национални страсти беа причина за неговиот неспокој, зашто и луѓето не знаеја дали тој е Хрват, Србин или Босанец. А за него тоа не беше ни битно, зашто беше припадник на една држава што се распадна. Но луѓето беа сурови кон него, па отидоа дотаму што му го демолираа и уништија кафулето, кое го отвори по завршувањето на боксерската кариера во Бања Лука. Тој, пак, во неверување и од лутина го докрши и она што беше останато од ентериерот. Така, во големо разочарување, далеку од очите на оние што до вчера му ракоплескаа, во 2018 година славниот шампион почина и замина во вечноста.

Русевски стапува на сцена

По освојувањето на „Златниот гонг“ од Бенеш во 1973 година, веќе следната година трофејот го освои уште еден голем ас на југословенскиот бокс. Тоа беше Драгомир Вујковиќ, боксер на суботички Спартак и стандарден репрезентативец. Името на Вујковиќ беше магнет за гледачите, зашто истата година на Светското првенство во Хавана, кога Мате Парлов стана светски првак, Вујковиќ го освои бронзениот медал. Тој во Скопје допатува како голем фаворит и навистина по сето она што го демонстрира заслужено го освои „Златниот гонг“. Неодамна Вујковиќ им беше гостин, заедно со Тадија Качар, на своите пријатели од Куманово и присуствуваше на меморијалниот турнир организиран во знак на сеќавање на починатиот тренер Мирослав Петровиќ, низ чии раце поминаа многу кумановски боксери, меѓу кои и европскиот првак од Хале во 1977 година и „бронзениот“ од Олимпијадата во Монтреал во 1976 година, Аце Русевски, и олимпискиот вицешампион од Лос Анџелес во 1984 година, Реџеп Реџеповски. Тогаш сите заедно се потсетивме на убавите времиња, кога боксот навистина цутеше во оваа наша Македонија.
И кога веќе го споменав Русевски, да потсетам оти тој беше првиот македонски боксер што во 1975 година го освои вредниот трофеј. Инаку, истата година Русевски стана и балкански првак на шампионатот во Софија, кога во финалето го совлада домашниот претставник Пешев. Аце Русевски потоа уште еднаш, во 1978 година, го освои „Златниот гонг“. Тогаш, тој во еден жесток дуел го совлада Мирко Пузовиќ, кој, исто така, беше југословенски репрезентативец и еден од најдобрите европски боксери во лесна и во полувелтер категорија.

Ерата на Алија, Вели и на Димовски

Во последната декада од минатиот и првата од овој век, на „Златниот гонг“ блеснаа уше тројца македонски боксери. Тоа беа Алија Мухамед, Мумин Вели и Примислав Димовски, кои неколку години беа наши најдобри претставници и на меѓународната сцена.
Кумановецот Алија Мухамед беше најбрз во оваа тројка и прв триумфира. Тој го освои „Златниот гонг“ во 1994 година, а потоа уште еднаш триумфира во 2001 година. Интересно е оти по првата победа на Алија, на сцена стапи Примислав Димовски, кој дотогаш беше единствен боксер што трипати едноподруго стана носител „Златниот гонг“ во 1998, 1999 и 2000 година. Потоа, по неговите стапки тргна и Мумин Вели, кој, исто така, имаше три триумфа, со таа разлика што годините кога го освојуваше „Златниот гонг“ не беа поврзани. Тоа беа 2003, 2004 и 2006 година. Е, сега опишувајќи ги триумфите на оваа „тројка“ да кажам оти Примислав Димовски и по четврти пат стана носител на „Златниот гонг“, во 2009 година, со што стана најуспешниот учесник во историјата на „Златниот гонг“.
Осврнувајќи се на овој наш познат меѓународен турнир, треба да се спомене оти Џавид Асанов во 1980 година беше првиот боксер од БК Скопје, клуб што беше организатор на „Златниот гонг“, што го освои трофејот. Исто така, од нашите репрезентативни боксери носител на трофејот е и олимпискиот вицешампион од Лос Анџелес, кумановецот Реџеп Реџеповски, во 1983 и во 1985 година.
Во минатите четири понеделници ви презентирав дел од историјата на „Златниот гонг“, кој е една од најстарите меѓународни боксерски приредби во Европа. Идната недела ќе читате за првиот боксерски тренер во Македонија – Страхил Андреевски, кој го конструира и првиот ринг на Градскиот стадион во Скопје.