ШАХОВСКИ ФЕСТИВАЛ „50 ГОДИНИ ШК АЛКАЛОИД“
- Конкуренција беше силна, но на брзопотезните турнири секој може да победи секого, оти времето е кратко, а сметам дека на ова темпо за игра најбитна е енергијата, вели Николовски
Македонскиот интернационален мајстор (ИМ), репрезентативец и член на ШК Гамбит Асеко СЕЕ, Никола Николовски го освои првото место на турнирот во брз шах во рамките на Шаховскиот фестивал „50 години од формирањето на ШК Алкалоид“, кој се одигра во хотелот „Континентал“ во Скопје. По 13 кола, Николовски (2.395 рејтинг-поени, рангиран седми пред почетокот на турнирот) освои 11 поени и нови 25,2 рејтинг-поени, со играчки перформанс од 2.553 рејтинг-поени, парична награда од 25.000 денари и пехар. Второто место го освои ИМ од Косово Ндерим Сарачи (2.494, рангиран четврти) со 10,5 поени, колку што имаше и ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Мухамет Аслани (2,336, рангиран 12-ти), исто така од Косово, но со послаб дополнителен критериум. Првиот фаворит според рејтингот, ИМ Дејан Стојановски (2,543) е 10-ти, со девет поени. Меѓу 10-те шахистки што настапија, најдобар пласман оствари ЖВМ од Бугарија, Белослава Крастева (2.125, рангирана 33-та), која е 23-та со 8,5 поени, а од Македонките, одлично одигра репрезентативката ЖФМ Моника Жежовска (1.643, рангирана 139-та), која го освои 36. место и нови 253,2 рејтинг-поени на ова темпо на игра, прикажувајќи играчки перформанс од 2.077 рејтинг-поени.
– На турнирот отидов да уживам во играта, без притисок и очекувања. Конкуренција беше силна, но на брзопотезните турнири секој може да победи секого, оти времето е кратко, а сметам дека на ова темпо за игра најбитна е енергијата. Клучно за овој мој успех беше тоа што пред два месеца почнав да вежбам кросфит, што многу ми помогна да бидам физички спремен за да ги играм сите партии докрај на победа – ни изјави победникот Николовски.
На турнирот играа 153 шахисти (пет ВМ, еден ЖВМ, девет ИМ, еден ЖИМ, 17 ФМ, еден ЖФМ, два КМ, 1 ЖКМ) од девет шаховски федерации (Македонија, Србија, Чешка, Украина, Данска, Албанија, Грција, Бугарија и Косово). Вчера во рамките на Шаховскиот фестивал се играше и вториот турнир, во забрзан шах, во 11 кола. Г.И.































