ЏУДО
- Николоска повторно успешно ја положи катата за втор дан (катаме но ката) пред експертите на Интернационалната џудо-академија, како уште еден услов за усовршување и напредок како џудо-судијка на Светската џудо-турнеја
Изминатиот викенд, македонската судијка Катерина Николоска ја отвори натпреварувачката година со настап на престижниот гранслем-турнир во џудо, кој се одржа во главниот град на Грузија, Тбилиси, на кој учествуваа 386 натпреварувачи од 51 држава, информира Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ).
По завршувањето на турнирот, Николоска судеше и на Светскиот куп ИБСА, кој, исто така, се одржа на татамите во Грузија. Николоска повторно успешно ја положи катата за втор дан (катаме но ката) пред експертите на Интернационалната џудо-академија, како уште еден услов за усовршување и напредок како џудо-судијка на Светската џудо-турнеја.
– Горди сме на нејзиниот професионализам, посветеност и континуиран напредок на меѓународната сцена – изјавија од ЏФМ.
Николоска е првата олимпијка во џудо од Македонија, која се натпреваруваше на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Рио де Жанеиро, во 2016 година. Таа по занимање е професорка по физичко образование, која во 2023 година во Калгари (Канада) положи за судиска А-лиценца на Светската џудо-федерација (ИЈФ) и се стекна со интернационална лиценца, а потоа беше прогласена и за најпрогресивна џудо-судијка во Европа, што претставува големо признание.
Николоска потоа беше избрана од ИЏФ да суди и на најголемите турнири од Светската џудо-турнеја. Оваа престижна турнеја вклучува гранслем и гранпри-турнири, како и светски првенства (СП) во кадетска, јуниорска и во сениорска конкуренција, каде што џудистите од целиот свет го почнуваат патот кон својот сон, а тоа се Летните олимписки игри (ЛОИ) во Лос Анџелес (САД) во 2028 година, што, секако, е голем успех за македонското џудо воопшто. Г.И.
































