Катерина Николоска

Таа е првиот македонски судија избран да биде дел од оваа елитна ротација на 50 џудо-судии од целиот свет. Светската џудо-турнеја вклучува гранслем и гранпри-турнири, како и СП во кадетска, јуниорска и сениорска конкуренција, каде што џудистите од целиот свет го почнуваат својот пат кон ЛОИ 2028, што е голем успех за македонското џудо, воопшто

ЏУДО – СВЕТСКА ЏУДО-ФЕДЕРАЦИЈА

Откако во 2023 година положи во Калгари (Канада) за А-лиценцата на Светската џудо-федерација (ИЈФ) и се стекна со интернационална лиценца, а потоа беше прогласена и за најпрогресивна судијка во Европа, македонската судијка Катерина Николоска сега е избрана од Светската џудо-федерација да суди на најголемите турнири од Светската џудо-турнеја.
Оваа престижна турнеја вклучува гранслем и гранпри-турнири, како и светски првенства (СП) во кадетска, јуниорска и сениорска конкуренција, каде што џудистите од целиот свет го почнуваат својот пат кон Летните олимписки игри (ЛОИ) во Лос Анџелес (САД) во 2028 година, што е голем успех за македонското џудо, воопшто.
За судија во оваа турнеја тоа значи учество во нивното патување, доделување поени за ЛОИ и можност еден ден да суди и на олимписки игри, претставувајќи ја Македонија уште еднаш на најголемата спортска сцена, пишува од Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ).
Николоска е првиот македонски судија избран да биде дел од оваа елитна ротација на 50 џудо-судии од целиот свет, што претставува голем успех и за неа како судијка на татамите, но и за Македонија како држава. Џудо-федерацијата на Македонија може само да се гордее со неа, пишува ЏФМ. Г.И.