Средниот блокер Филип Савовски е меѓу најдобрите на оваа позиција

ОДБОЈКА – ЕВРОПСКА ЗЛАТНА ЛИГА

Капитенот на одбојкарската репрезентација на Македонија, Никола Ѓорѓиев, со вкупно 138 поени на шесте натпревари во Европската златна лига (ЦЕВ), е најдобар поентер во лигашкиот дел меѓу сите 12 селекции, но прв напаѓач со 126 поени од акција, не сметајќи ги блоковите и асовите. Зад него се најдоа Хрватот Џирлиќ и Белгиецот Рехерс, што доволно зборува за квалитетите на македонскиот одбојкар.
Задоволство има и за поредокот кај средните блокери, затоа што Филип Савовски е на чело на листата на која се одбојкарите на оваа позиција, според вкупниот број освоени поени. Тој има вкупно 62, два повеќе од играчот на Трентино, Белгиецот Де Хер. Савовски оствари 20 блока, исто како и Јакопец од Хрватска, но Хрватот има подобар просек во сет во втората децимала, па во оваа статистичка категорија Македонецот е втор во ова натпреварување на ЦЕВ.
Со биланс од една победа и пет порази, но со освоени два сета, односно по еден бод, против Белгија и против Хрватска на гости, Македонија заврши 10-та, една позиција повисоко од лани кога имаше два триумфа на домашен терен против истите ривали. Со оглед на тоа дека сега во составот недостигаа Деспотовски и Љафтов, играта на Македонија ветува успех во августовските квалификации за ЕП 2026 година, на гости во Грузија и на домашен терен со Грција, што би значело дека по четврти пат во низа ќе биде дел од ЕП.
Во плејофот на Европската златна лига (15-16 јуни), кој се игра во Осиек, се пласираа Хрватска, Чешка, Украина и Естонија, додека од ова натпреварување испадна последнопласираниот Азербејџан. Г.И.