Димоски двапати триумфира во поединечна, а повеќепати во екипна конкуренција на шампионатите на Македонија. Беше селектор и еден од носителите на сите активности кога ШК Алкалоид ја освои титулата европски клупски првак
ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (228)
На шаховската сцена во Македонија продефилираа многу познати шахисти, кои на свој начин оставија белег во древната игра. Некои од нив беа познати како „маратонци“, кои низ долги партии настојуваа да го совладаат ривалот, други беа фајтери, кои многу не чекаа и со брзи потези стигнуваа до целта, а трети, пак, беа тактичари, кои својата игра ја приспособуваа во зависност од тоа каков е противникот, настојувајќи да ги амортизираат неговите најсилни страни.
Еден од оние што брзо настојуваа да ги решат партиите и да ги совладаат противниците беше интернационалниот мајстор (ИМ) Никола Димоски. Но за него фајтерството не беше единствена страна. Напротив, употребувајќи ги сите свои мисловни квалитети и логиката, особено во тешките партии против силните противници, знаеше и тој да истактизира и да ја одолжи партијата. Сето тоа го правеше со единствена цел, да дојде до најдоброто решение, а тоа не секогаш бараше брзи потези, туку размислување и навлегување во идеите на ривалот.
– Првите тајни на шаховската игра почнав да ги откривам на петгодишна возраст, и тоа благодарејќи на мојот татко. Тој беше вљубен во шахот, па нормално беше уште од детските години да станам како него и да чувствувам потреба да седнам пред црно-белата табла. Првите потези и практично смислата на целата игра ги научив од него, а потоа кога подлабоко навлегов во шахот веќе беше полесно. Ми стана многу интересно и одвај го чекав моментот кога ќе се ослободев од учењето да навратам во салата на ШК Црн бор, кој во 60-тите години од минатиот век беше еден од водечките во Македонија. Од него излегоа плејада добри шахисти, кои се афирмираа не само овде кај нас туку и надвор од границите на нашата држава. Би ги спомнал имињата на мојот прв тренер Александар Тодороски-Цане со прекар Ламјата и на Митре Џајкоски-Мриоец, кој во тој период беше најекспонираниот прилепски шахист, потоа Иваноски, подоцна со ново презиме Дулев, Миле Богески, Славе Трајкоски-Цаци, Љупче Велески-Дунаво, Буцо Караџоски. Тоа беше една квалитетна генерација шахисти, по која на сцената стапија и оние помладите, меѓу кои беа и Звонко Станојоски, кој подоцна стана велемајстор (ВМ), Тони Кироски, интернационален мајстор, и Жарко Бошкоски – се присетува на тие почетни времиња Димоски.
СО 14 ГОДИНИ НА МЕГДАН СО СЕНИОРИТЕ
Димоски како да немаше време за чекање. Тој брзо ги покажа своите квалитети и стана јасно дека во него се крие голем шаховски талент.
– Јас сум прилепчанец, но поради природата на работата на мојот татко, често го менувавме местото на живеење. Така, многумина, дури и прилепчаните, ќе беа зачудени кога подоцна ќе им кажев дека јас сум тетовец, роден во подножјето на Шара! Токму таму, во Тетово, првпат почнав да ги „мрдам“ фигурите, а вистинското навлегување во древната игра беше откако се вративме во Прилеп, кој на некој начин, благодарејќи на традицијата на ШК Црн бор, беше шаховски центар во Пелагонија. Се разбира заедно со Битола, во која, пак, долга традиција имаше ШК Стево Патако, од кој излегоа многу познати шахисти, меѓу кои и браќата Борче и Димче Илиевски. Секојдневно, откако ќе ги завршев училишните обврски, одев во шаховската сала каде што ги одмерував силите, најнапред со моите врсници, а потоа и со сениорите. Така дојде моментот, откако се увери во моите квалитети, тренерот Цане да ме вклучи во сениорската екипа. Но и тоа не беше без причини или, пак, поради некои симпатии кон мене, туку благодарејќи на постигнатите резултати. Во тие, би рекол детски години, станав пионерски, а веднаш потоа и младински првак на Прилеп. На тој начин како да се одделив и отидов повисоко од моите врсници, па затоа не беше изненадување кога тренерот ме вклучи во сениорската екипа. Моето деби на сениорската табла почна одлично, победив во првата, потоа во втората, третата партија и така тргна работата. Веќе не бев третиран само како младинец туку и како сениор, кој носи вредни поени за својата екипа – вели Димоски.
НАЈМЛАД ПРВОКАТЕГОРНИК
Прилепчани, а тоа може убаво да се види преку фудбалот и клубот Победа, секогаш тежнееле да го совладаат Вардар, па и другите скопски екипи. Истата слика од фудбалот се пренесе и на шахот.
– Наша желба или ако сакате лајтмотив ни беше да ги победуваме скопските екипи. За средбите со нив секогаш посебно се подготвувавме, па некако тој ривалитет позитивно влијаеше и врз мене, сериозно да ги проучувам противниците и да ги откривам нивните добри, но и послаби страни. Уште од млади години посветував големо внимание на теоретската подготовка и секогаш се трудев да откријам нешто ново. Можеби затоа брзо напредував. На пример со 15 години победив на еден сениорски турнир, на кој совладав и некои прваци на Македонија и така станав најмлад првокатегорник. Оттогаш за мене веќе немаше граници и бев учесник на многу турнири, меѓу кои и на поединечните првенства на Македонија – објаснува Димоски.
Откако во 1978 година дојде во Скопје и се запиша на Електротехничкиот факултет, Димовски стана член на ШК Алкалоид. Тука го продолжи својот шаховски пат и почувствува колку е значајно да бидеш член на еден организиран клуб со големи амбиции.
– Станав постојан член на сениорската екипа со која го освојувавме екипното првенство, а бевме и победници во Купот на Македонија. Тогаш учествував и на Поединечното сениорско првенство на Македонија. Иако бев можеби најмлад учесник, бев презадоволен со освојувањето на четвртото место, што беше убав показател дека наскоро можам да се борам дури и за титулата првак. На тој шампионат првото место го освои легендарниот ИМ Јован Софревски. Со ШК Алкалоид учествувавме и на Шаховскиот фестивал или поранешен Куп на Југославија во Пула. Објективно немавме квалитет да им се спротивставиме на најсилните и игравме во втората група. Но и овде имаше силни екипи против кои можевме да ги провериме нашите квалитети – вели Димоски.
ВО ХАН ПИЈЕСАК ПРВ МАЈСТОРСКИ БАЛ
Димоски брзо напредуваше во шахот и за една година од првокатегорник тој стигна до титулата мајстор.
– Сѐ се случуваше некако молневито. По освоеното четврто место на Првенството на Македонија, а особено по победата на турнирот кога станав првокатегорник, ми се отвори можност да се борам и за титулата мајстор. Тоа се случи на турнирот во Хан Пијесак, на кој, покрај мене, од Македонија учествуваа уште Душан Давчевски и Никола Васовски. На крајот бев втор и така станав шаховски мајстор. За мене, тоа беше голема работа и уште повеќе ги подгреа моите понатамошни амбиции. Сега погледите ми беа свртени кон поголеми остварувања, а особено „горев“ од желба да триумфирам и на шампионатите на Македонија. Токму поради овие амбиции, по завршувањето на факултетот една година решив професионално да се занимавам со шах. Но откако видов дека само со играње шах егзистенцијата може да биде неизвесна, брзо се вратив на струката и мислам дека не згрешив. Се организирав и го подредив животот да имам време и за работа и за шах, па така дојде еден плоден период во мојата шаховска кариера. Она што го имав зацртано, да станам првак на Македонија, ми се оствари, и тоа во два наврата. Најнапред триумфирав во 1985, а потоа и во 1991 година. Во меѓувреме од 1986 до 1988 година, иако живеев во Скопје и работев во Алкалоид, настапував за белградски Партизан. По освојувањето на првата титула имав понуди од Швајцарија, а и од други клубови, но во договор со мојот татко се решив за Белград. Сепак, поранешна Југославија беше шаховска велесила и сметав дека тука, покрај големите шаховски имиња што беа во Партизан, како Матуловиќ, Николиќ и другите, ќе можам многу повеќе да напредувам. Ова беше еден напорен период во мојот живот, но со максимално ангажирање успевав да ги усогласам сите работни и шаховски обврски – раскажува Димоски.
За натамошниот дел од кариерата на Никола Димоски, за деновите минати во Белград, освојувањето на титулата интернационален мајстор, како и за ангажманите во ШК Алкалоид, кој стигна до титулата европски првак, ќе читате идната недела.
Никола Димоски
Роден: 1960 година во Тетово
Кариера: ШК Црн бор и ШК Алкалоид
Успеси: двапати сениорски првак на Македонија 1985 и 1991 година, повеќекратен екипен првак и победник на Купот на Македонија со ШК Алкалоид“, прво место на Партизанската олимпијада на Тјентиште, носител на титулата интернационален шаховски мајстор
Функции: генерален секретар на ШФМ, селектор на европскиот клупски првак „Алкалоид“