ШАХ

Нерешено е по првите четири дуели за титулата светска првенка, за која играат кинеските шахистки Ју Венјун и Тан Жонгји, во Шангај (Кина). Првата и четвртата партија завршија со реми, а во втората и во третата актуелната светска шампионка од 2018 година, Венјун, и првенката од 2017 до 2018 година, Жонгји, забележаа по една победа.
За денеска е предвиден вториот ден за одмор, а потоа следуваат нови две партии, пред шахистките да се преселат во Чонгкинг (Кина), каде што на програмата се уште шест партии. Предвидено е да се играат вкупно 12 партии. Првата шахистка што ќе освои 6,5 поени ќе биде прогласена за победничка. Контролата на времето за секој натпревар е 90 минути за првите 40 потези, проследени со 30 минути за остатокот од дуелот, со зголемување од 30 секунди по секој потег, почнувајќи од првиот.
Ако натпреварот биде израмнет на 6-6 по сите 12 меча, следува тај-брејк, кој ќе ја одреди шампионката. Постапката за тај-брејк вклучува серија партии во забрзан шах, а, ако е потребно, и во брз шах. Н.М.