ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (314)

Борче Митевски (1)

Општината Петровец во името на Борче Митевски не само што има градоначалник туку има и еден од најуспешните македонски боксери. Тој беше повеќекратен првак на Македонија во тешка категорија, а беше и вицешампион на поранешна Југославија

Нема сомнение оти боксот во Македонија е еден од најтрофејните спортови. За разлика од последниве години, кога се чувствува една стагнација, некогаш нашата држава во рамките на Југославија имаше неколку големи шампиони. Да се потсетиме само на Аце Русевски и на Реџеп Реџеповски и сѐ ќе стане јасно. Првиот на Олимпијадата во Монтреал во 1976 година го освои бронзениот медал, а следната година беше и европски првак во Хале, а вториот покрај неколкуте титули шампион на Југославија, во 1984 година на Олимписките игри во Лос Анџелес го освои сребрениот медал. Двајцата, и Русевски и Реџеповски, покрај овие постигнувања, имаа уште многу победи на меѓународните турнири, а имаа медали и од балканијадите и големите приредби во младинска конкуренција. Впрочем, својот пробив во елитата Русевски го најави во 1973 година, кога во Киев го освои бронзениот медал на Европскиот младински шампионат, а Реџеповски својот талент го покажа уште на шампионатот на Југославија во Сплит, кога како младинец стана сениорски првак на државата. Но во тие години не беа само Русевски и Реџеповски оние што ја пронесоа славата на македонскиот бокс. Напротив, имаше една плејада боксери, како Азис Салиху, кој се вивна во југословенскиот врв уште кон крајот на 1960-тите години, за подоцна да биде освојувач на бронзен олимписки медал, а неколкупати се врати со медали и од европските првенства. Потоа го имавме и Сами Лимановски (прв наш учесник на едно сениорско ЕП, во Катовице, во 1975 година) и уште неколкумина момчиња што рамноправно се носеа со светските асови.

Но сето ова немаше да се случи ако боксот во Македонија не почнеше да ја гради традицијата веднаш по Втората светска војна, кога легендарниот и прв боксерски тренер Страхил Андреевски, кој многу години со семејството живееше во Египет, го донесе и првиот ринг. Оттогаш боксот заживеа на нашите простори и веќе во 1950-тите години во имињата на Бранко Фиат, Перо Трајковски, Андреевски, Живко Дуковски, Ајдар Демиров, Ѓаковски, Конзулов и уште неколкумина имавме рамноправни противници не само на југословенските туку и на европските боксери.

Почетоци во БК Скопје во Автокоманда

Овој пат ќе се задржам на периодот од 1970-тите години, кога македонскиот бокс во екипите на Куманово и на Скопје имаше репрезенти во Втората југословенска лига. Еден период боксерите од Куманово беа учесници и во Првата лига, во која многу подоцна настапуваше и битолски Пелистер. Тогаш интересирањето за благородната вештина меѓу младите беше многу големо, па како резултат на таа масовност (во салите имаше по повеќе од 30 момчиња) продолжи оној тренд на квалитетното издигање на боксот, кој беше почнат дваесетина години порано. Во тој период се појавија многу силни боксери, меѓу кои беше и Борче Митевски. Тој се роди и живееше во Петровец, меѓу двата боксерски града Скопје и Куманово. Но, со оглед на фактот што Скопје беше поблиску, тој тука, како 17-годишно момче, ја почна својата боксерска кариера.
– Моите почетоци беа во Автокоманда, во БК Скопје, клуб што функционираше во рамките на истоименото Младинско-спортско друштво, кое со Вардар и со Работнички беше едно од најпознатите во градот, во Македонија, па и пошироко, во поранешна Југославија. Трениравме во една мала сала, која не нудеше не знам каков комфор, но бевме задоволни од фактот што барем имавме каде да ги одржуваме тренинзите.
Првите боксерски чекори ги направив со две исклучителни личности, максимално посветени на боксот, Живко Дуковски и Живорад Шишковиќ. На првиот заслугата е во тоа што тој беше главен иницијатор за формирањето на клубот, а вториот, пак, беше тренер што, ако требаше, по цел ден не излегуваше од салата. Двајцата создаваа толку пријатна атмосфера, што ние боксерите едвај чекавме да дојде времето за тренинг. Во една таква ситуација, кога во клубот владееше пријатна атмосфера, нам ни остануваше само да бидеме дисциплинирани и редовно да тренираме. Резултатите, нормално, со самата работа и тие ќе дојдеа – вели Митевски, кој, патем да кажам, подоцна влезе во политиката и од 2009 година е успешен градоначалник на Општина Петровец.

Шишковиќ го чекаше на врата

Во тоа време ентузијазмот беше оној што ги красеше не само спортистите туку и нивните тренери и спортските работници. Желбата да се успее беше огромна и практично сите сакаа да не го трошат времето залудно, туку ако веќе се посветиле на некој спорт, да се вложат комплетно во него.
– Мене, иако живеев во Петровец, воопшто не ми беше тешко да одам на тренинзите. Не сакав да го запоставам учењето и поради боксот тоа да падне во втор план. Затоа, некогаш одев на тренинг и во доцните попладневни часови. Малку ми беше непријатно што тренерот Шишковиќ, кој живееше во Приштина, мораше поради мене да остане подолго и да ме чека, што се вели на врата, за да го реализираме тренингот. Тој беше рационален и се случуваше откако ќе ги добиев задачите за тренингот да „тркне“ до автобуската станица и навреме да купи билет за враќање дома, во Приштина. Потоа се враќаше во салата и тогаш почнуваше пеколниот тренинг. Јас, пак, гледајќи колку се измачува човекот, бев максимално концентриран и ангажиран на тренингот. Знаев дека еден ден сиот тој вложен труд ќе даде и резултат – ја продолжи својата приказна Митевски.

И навистина беше така. Борче, кој како дете по својата физичка конституција се истакнуваше меѓу врсниците, беше како роден за боксер во потешките категории. Со оглед на фактот што „тешкашите“ потешко се наоѓаат, тренерите никако не сакаа да го испуштат корпулентното и високо момче од Петровец. Тие настојуваа по секоја цена да го задржат, зашто во него, покрај физичките, видоа и други особини неопходни да се стане добар и квалитетен боксер. Така, со настојчивоста на тренерот Шишковиќ и со фанатизмот со кој влезе во боксот, Митевски полека но сигурно се изградуваше во квалитетен боксер.
– Во уводните борби, во кои настапуваа младите боксери, пред почетокот на оние главни мечеви во сениорска конкуренција, бев доминантен меѓу моите врсници и секогаш победував. Ги совладував ривалите и во натпреварувачката книшка почнаа да се бележат победите. Сето тоа уште повеќе ја разгоре желбата кај мене да одам понатаму кон нови победи. Откако помина она време на калење, конечно стигнав и до сениорските настапи. Тренерите Дуковски и Шишковиќ воопшто не се сомневаа оти и тука ќе бидам супериорен, но, сепак, требаше да се почека, времето да го покаже тоа. А, времето како да работеше за мене. Не можеше да се случи, по толку вложени напори, да не дојдат и вистинските резултати – се сеќава Митевски на тие први борби.

Тешки мечеви со искусните противници

Во времето кога Митевски ја почнуваше својата кариера Скопје и Куманово беа второлигаши. Се случуваше некој да испадне од лигата, но брзо се враќаше. Така се случи, откако Скопје испадна од Втората лига, за да има квалитетни мечеви Митевски да замине и стана член Куманово, клуб во кој остана до крајот на кариерата.
– Инаку, додека бев во Скопје почнав да боксувам и со сениорите, па така, имав неколку тешки мечеви, од кои најмногу се сеќавам на дуелот во Иванград, со домашниот боксер Гојковиќ. Тој беше на залезот, а јас, пак, на почетокот на кариерата. Мечот со него никогаш нема да го заборавам. Во првите две рунди двапати бев во нокдаун и на паузата меѓу втората и третата рунда многу лошо се чувствував, не знаев дури и дали ќе успеам на нозе да го дочекам крајот. Но, некако собрав сили, се стабилизирав и зададов неколку удари. Во последните три минути бев рамноправен, можеби и подобар. Го издржав тешкиот меч на гостински терен и на крајот со судиска одлука ја загубив борбата со 2-1. На враќање од Иванград застанавме во мотелот во Предејане малку да се одмориме и нешто да каснеме. Јас, онака замислен и добро изудиран од противникот, си помислував на повлекување. Го сакав боксот, но бев разочаран од овој меч, во кој можев да бидам и нокаутиран, затоа сметав оти местото не ми е тука. Во младинска конкуренција некако ми одеше добро, но во сениорска видов дека ќе биде многу тешко. Во тие моменти, кога во главата ми се вртеше сѐ и сешто, ми пријдоа Дуковски и браќата Мирко и Панче Леови, кои цел живот беа во боксот, и ме охрабруваа, велејќи ми дека еден ден ќе станам голем боксер. Иако сметав оти е ова само утеха за мене, сепак, тоа беше решавачкиот момент, кога си реков, останувам во боксот за да не бидат залудни многуте години што ги вложив во младоста во овој спорт – вели тој.

И така беше, Борче Митевски остана на рингот уште неколку години, во кои неколкупати беше првак на Македонија во најтешката категорија, а еднаш стигна и до вицешампионската титула на првенството на поранешна Југославија. За понатамошниот тек на кариерата на боксерскиот ас, кој еве веќе 15 години е успешен градоначалник на Петровец, ќе читате идната недела.


Борче Митевски

Роден: во 1961 година во Петровец
Кариера: БК Скопје и БК Куманово
Успеси: Повеќекратен првак на Македонија во тешка категорија, вицешампион во сениорска конкуренција на поранешна Југославија, одбоксувани близу 200 меча, во кои најмногу има победи и само 15-20 порази, што е одличен биланс