Тоа е само доказ дека џудото во Македонија има светла иднина и дека треба да продолжи во истиот стил на татамите, каде што постојано ќе го стекнува и драгоценото искуство

ЏУДО

Македонското репрезентативно џудо забележа уште еден голем успех, по оној на Европскиот куп за јуниори, кој неодамна се одржа во СЦ „Јане Сандански“, во Скопје, кога членката на клубот Миоки, Ива Богдановска, освои бронзен медал во категоријата до 63 кг. Овој пат со истиот медал се закити македонската јуниорка, членка на клубот Преспа, Лилјана Недановска на Балканското првенство за јуниори (до 21 година), во турскиот град Едрене изминатиов викенд. Тоа е само доказ дека џудото во Македонија има светла иднина и дека треба да продолжи во истиот стил на татамите, каде што постојано ќе го стекнуваат и драгоценото искуство.
– Честитки за медалот и благодарност за достојното претставување на нашата земја и честитки и за другите наши репрезентативци што достојно ја претставија нашата земја, но не успеаја да се закитат со медал – информираат од Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ).
Покрај Недановска, на Балканското првенство во Турција боите на Македонија ги бранеа и Анамарија Стојмиловска, Ѓеорѓина Блажевска, Лилјана Недановска, Сергеј Димитриоски, Игнат Петров, Никола Магдевски, Михаил Стојановски и Владимир Милчиноски. Ива Богдановска, која беше планирана во составот, не допатува на шампионатот поради повреда.
Репрезентацијата беше предводена од тренерот Игор Паскоски, кој го замени селекторот на јуниорската репрезентација Александар Фузевски, кој не можеше да дојде на ова натпреварување во Турција. Дополнително, дел од македонскиот состав беше и судијата Сашо Димовски, кој беше судија на оваа Балканијада.
– И покрај неуспешниот настап на Европскиот куп за јуниори во Скопје, македонската џудистка Лилјана Недановска продолжи со настапи на меѓународна сцена, тоа беше учество на Балканското првенство во Турција изминатиот викенд. Во првото коло, Недановска во категоријата до 57 кг почна со неуспешен настап, односно се сретна со најсилната џудистка од Молдавија, Дутка Татијана, која го освои златниот медал. Во првата репасажна борба Недановска блесна и славеше над џудистката од Турција, Бујук Сена Нур. Во втората репасажна борба Недановска доминантнo победи против претставничката на Црна Гора, Нина Јовановиќ.

Во борбата за бронзен медал Недановска беше поуспешна и славеше над Романката Јасмина Томеску и повеќе од заслужено го освои бронзениот медал. Недановска е неуморна спортистка, работник и пример за еден професионалец што го сака спортот и пример за тоа како треба да изгледа една спортистка. Јас како селектор и нејзин тренер ѝ посакувам во иднина уште поголеми успеси и од поголеми натпревари, како што се европски и светски првенства и настап на олимпијада, која е сон за секој спортист – ни изјави селекторот на јуниорската репрезентација на Македонија, Александар Фузевски.
Македонија, поточно градот Скопје, а во организација на ЏФМ, ќе биде домаќин на Европскиот куп за сениори, на 20 и на 21 септември годинава, што е уште едно значајно натпреварување. Ова е четврти голем меѓународен настан што ЏФМ го организира годинава по претходно успешните Европското првенство за кадети, ЕМОФ и Европскиот куп за јуниори. Секој од овие настани беше чекор напред кон позиционирање на Македонија како респектирана дестинација на џудо-мапата на Европа. А Европскиот куп за сениори, секако, ќе донесе квалитетни џудисти од цела Европа, борби со врвна техника, а Скопје повторно ќе пулсира во знакот на џудото. Г.И.