СКИЈАЊЕ – 62. „МАВРОВСКИ МЕМОРИЈАЛ“
Снежните падини на планината Бистра беа домаќини на 62. издание на „Мавровскиот меморијал“, најстариот нордиски куп на Балканот. Со учество на над сто натпреварувачи од регионот, Македонија уште еднаш се потврди како одличен домаќин на меѓународни нордиски натпревари.
– Годинашното издание на „Мавровски меморијал“ уште еднаш ги потврди традицијата, квалитетот и меѓународниот углед на овој настан. Благодарност до сите натпреварувачи, клубови и партнери што придонесоа за негова успешна реализација – изјави претседателот на Скијачката федерација на Македонија (СФМ), Дејан Пановски.
Победници, прв ден: 10 км (мажи) Страхиња Ериќ (БиХ); пет километри (жени) Ана Цветановска (Македонија); еден километар (девојчиња и момчиња до 10 год.) Елина Коева (Бугарија) и Димитар Михаилов (Бугарија); до 2,5 км (девојчиња и момчиња до 12 год.) Стела Машова (Бугарија) и Илиан Чолаков (Бугарија); до 2,5 км (девојчиња и момчиња до 14 год.) Аналена Фафали (Грција) и Анастасиос Накас (Грција).
И на вториот ден победија истите натпреварувачи во истите дисциплини во двете конкуренции, освен во женската трка на пет километри, каде што наместо Ана Цветановска од Македонија, првото место го освои претставничката од БиХ, Теодора Делипара (БиХ). Г.И.
































