Независна студија покажа дека сѐ додека емисиите се намалени или стабилизирани, секој регион во светот што веќе бил домаќин на ЗОИ сѐ уште треба да може да го стори тоа барем до 2050-тите, а според сценариото со високи емисии, до 2080-тите поголемиот дел локации што се проучуваат ќе бидат премногу топли, пишува ИОК
ИОК
Додека светските лидери се состануваат на КОП29 за да договорат активности за справување со климатската криза, нова студија илустрира како ефективната климатска акција би можела да го намали влијанието на климатските промени врз зимските спортови, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Досега најсеопфатната студија на оваа тема идентификува значителна разлика во бројот на потенцијални идни локации за домаќини на зимски олимписки игри (ЗОИ), во зависност од тоа дали светот доживува сценарио на ниски, средни или на високи емисии на стакленички гасови, пишува ИОК.
Независната студија, „Климатските промени и климатската сигурност на домаќините во вториот век од ЗОИ“ покажа дека сѐ додека емисиите се намалени или стабилизирани, секој регион во светот што веќе бил домаќин на ЗОИ сѐ уште треба да може да го стори тоа барем до 2050-тите. Секој од регионите во Европа, Северна Америка и во Азија ќе може да понуди повеќе потенцијални локации за домаќини за олимписки снежни спортови, при што повеќето до 2080-тите. Според сценариото со високи емисии, до 2080-тите поголемиот дел локации што се проучуваат ќе бидат премногу топли. Авторите на студијата, познатите научници за климатските промени и спортот, професорот Роберт Штајгер од Универзитетот во Инсбрук (Австрија) и професорот Даниел Скот од Универзитетот во Ватерло (Канада), забележаа дека намалувањето на емисиите, во согласност со Парискиот договор за климатски промени, значително ќе ја забави стапката на глобално затоплување во планинските региони. Тие истакнаа дека годинава светот го надмина прагот на опасното глобално затоплување од 1,5 степен, утврден во договорот. Планинските температури во регионите со веродостојни набљудувања се зголемуваат со просечно темпо од 0,3 степени по деценија, надминувајќи ја стапката на глобално затоплување од 0,2 степена по деценија од средината на 20 век, пишува ИОК.
– Посветени сме да обезбедиме солидна иднина за движењето за зимски спортови и за сите што практикуваат зимски спортови во планините – вели Карл Стос, претседател на Комисијата за идни домаќини на ЗОИ.
Зимскиот спорт се соочува со многу предизвици, смета професорот Скот.
– Длабоките последици на иднината со високи емисии врз светското културно наследство претставено со ЗОИ и ПОИ ја нагласуваат итноста за брзо намалување на глобалните емисии на стакленички гасови – вели Скот.
Како организација, ИОК е на пат да ги намали емисиите на јаглерод за 30 отсто до годинава и има цел да намали 50 отсто до 2030 година, во согласност со Парискиот договор за климатски промени, пишува ИОК. Г.И.