Фото: „Нова Македонија“

По трите одиграни турнири, Македонија освои вкупно пет бода со сет-количник 9-15. По последното шесто коло, кое вчера требаше да се комплетира, црвено-жолтите се на 10-то место од 12 репрезентации, па така, и следната година ќе играат на ова натпреварување

Сениорската одбојкарска репрезентација на Македонија го заврши настапот во годинашната Европска златна лига (ЦЕВ) со два нови пораза, доживеани на третиот и последен турнир одигран во хрватскиот град Осиек. Првиот меч, по голема борба, го загуби минимално со 2-3 (31-33, 25-17, 29-27, 21-25, 12-15), од домаќинот, квалитетната селекција на Хрватска, која досега настапила на пет ЕП, 2006 (8 место), 2007 (14), 2015 (15), 2021 (14) и 2023 (11), во конкуренција на 16 држави. Таа и пред вчерашниот последен меч со Шпанија веќе се пласираше на завршниот фајналфор, заедно со Чешка и Украина. Следниот ден со 1-3 (25-17, 22-25, 22-25, 22-25), Македонија загуби и од Шпанија, селекција што има 12 учества на ЕП, најдобриот резултат го оствари во 2001 година, кога го освои златниот медал, а била уште четврта (2005) и деветта (2009). На овој меч, македонскиот капитен Никола Ѓоргиев беше најдобар поединец на теренот со 29 поени.
Така, вкупниот биланс на црвено-жолтите во ова репрезентативно натпреварување по шест одиграни меча, е една победа и пет порази. На првиот турнир во Струмица, Македонија загуби од Естонија (1-3) и Чешка (0-3), на вториот во Беверен оствари победа над Азербејџан (3-0) и пораз од домаќинот Белгија (2-3).
– Го одигравме и последниот натпревар против Шпанија. И на овој меч имавме многу пропуштени можности против селекцијата, која беше по мера да се добие. Но, сепак, не успеавме. Дали нѐ стигна уморот или, пак, неконцентрација при приемот, сепак не успеавме да победиме, загубивме со 1-3. Резултатски сум задоволен, од играта можевме многу подобро – изјави македонскиот селектор Наковски.

По трите одиграни турнири, Македонија освои вкупно пет бода со сет-количник 9-15. По последното шесто коло, кое вчера требаше да се комплетира, Македонија е на 10-то место од 12 репрезентации, па така, и следната година ќе игра во ова натпреварување, додека последнопласираниот Азербејџан (без ниту една победа) ќе игра во послабо рангираната Европска сребрена лига. Сепак, она што е многу значајно, е фактот што овие настапи на Македонија претставуваа и подготовки за четвртиот пласман во низа на европските првенства, за квалификациите за изданието во 2026 година, кое ќе се одржи во Бугарија, Финска, Италија и во Романија. На претходното ЕП, со пласманот во осминафиналето, Македонија го оствари својот најголем успех.
Завршниот фајналфор-турнир, на кој ќе настапат првите четири репрезентации, ќе се одржи исто така во Осиек (15-16 јуни), а на победникот, покрај славеничкиот пехар, ќе му припадне и паричната награда од 100.000 евра. Г.И.


Резултати 5. и 6. коло
Финска – Чешка 3-2
Азербејџан – Естонија 0-3
Романија – Финска 3-2
Македонија – Хрватска 2-3
Португалија – Украина 1-3
Луксембург – Азербејџан 3-2
Чешка – Романија 3-2
Шпанија – Македонија 3-1
Белгија – Португалија 3-2
Естонија – Луксембург вчера
Хрватска – Шпанија вчера
Украина – Белгија вчера


ТАБЕЛА
Чешка 6 5 1 17-6 15
Хрватска 6 5 0 15-6 14
Украина 5 4 1 13-5 12
Шпанија 5 3 2 12-8 10
Финска 6 3 3 13-12 9
Португалија 6 3 3 13-12 9
Естонија 5 3 2 10-9 8
Белгија 5 3 2 10-10 7
Романија 6 2 4 12-14 7
Македонија 6 1 5 9-15 5
Луксембург 5 1 4 3-14 2
Азербејџан 6 0 6 2-18 0