Немам зборови за Оливера. Секоја чест, со какви „гладијатори“ се бори овде. Во оваа дисциплина беше единствената жена во финалето. Во финалето се бореше храбро, одлучно, имаше многу десетки, но имам чувство дека среќата ни го сврте грбот и не нѐ следи на овие ПОИ, вели тренерот на Оливера Наковска-Бикова, Бранимир Јовановски, по настапот во дисциплината спорт пиштол од 25 метри, мешано

ПОИ 2024 ВО ПАРИЗ

Единствената македонска претставничка на Параолимписките игри (ПОИ) во Париз, стрелачката Оливера Наковска-Бикова, на стрелиштето Шатеру го израмни својот личен рекорд според бројот на пласмани во финале на едни ПОИ, успевајќи да го стори тоа вторпат, со што го повтори успехот од ПОИ во Рио де Жанеиро во 2016 година. По осмото место во дисциплината воздушен пиштол за жени од 10 метри, што беше прв настап за неа на ПОИ 2024, таа повторно се пласира во големото финале и повторно го освои осмото место, но во дисциплината спорт пиштол од 25 метри, мешано. Наковска-Бикова денеска може да постави нов рекорд, по настапот во дисциплината пиштол слободен избор од 50 метри, ако третпат на ПОИ 2024 се пласира во финалето. За успехот да биде уште позначаен придонесува и фактот што таа беше единствената натпреварувачка што се пласира во финалето со пиштол од 25 м, мешано.
– Немам зборови за Оливера. Секоја чест со какви „гладијатори“ се бори овде. Во оваа дисциплина беше единствената жена во финалето. Таа постигна висок и вреден резултат во квалификациите со 571 круг, што е за секој респект. Во финалето се бореше храбро, одлучно, имаше многу десетки, но имам чувство дека среќата ни го сврте грбот и не нѐ следи на овие ПОИ. Во финале на оваа дисциплина се бројат само погодоци од 10,2 до 10,9. A за да биде појасно во пракса, тоа изгледа вака: погодок 10,0 е круг со дијаметар од 10 сантиметри, а погодок 10,2 е круг со дијаметар од осум сантиметри. Само погодоците што се во круг од осум сантиметри се бројат, другите не, без оглед што се десетки и што е највисок погодок во целта во квалификациите. Од 20 истрели, Оливера имаше повеќе од половина десетки, перфектно за дисциплина на растојание од 25 метри, но само седум од нив беа пласирани во круг од осум сантиметри, а другите малку пошироко. Другите двајца стрелци пред неа, кои се спасија од испаѓање, имаа помалку десетки, но осум од нив беа во тој круг од осум сантиметри. Каков малер и недостиг од спортска среќа. Навистина штета за Оливера, оти за само еден поен заостана зад седмиот и шестиот и по истрелани 20 куршуми мораше да се задоволи со осмото место. Веднаш по неа испадна и трикратниот параолимписки шампион Парк од Кореја. Во секој случај, исклучително успешен настап на македонската спортистка на ПОИ во Париз. Ова се шести ПОИ по ред на кои настапува Оливера, од Атина во 2004 година, и на секои од нив таа се пласира во финале, што е вистинска потврда на квалитет подолг од 20 години и подвиг за историја во спортската кариера на еден спортист – вели селекторот на македонската стрелачка репрезентација и тренер на Наковска-Бикова, Бранимир Јовановски.
Наковска-Бикова на досегашните натпревари на ПОИ настапи во вкупно осум финалиња, шест пати во дисциплината од 10 метри (најдобар пласман ѝ првото место во 2012 година), по еднаш од 25 метри (најдобар пласман осмо место, на актуелните ПОИ) и од 50 метри (најдобар пласман четврто место во 2016 година). Наковска-Бикова досега освои еден златен медал на ПОИ (во 2012 година), потоа по еден златен (2022 г.) и сребрен (2006 г.) и три бронзени (2010, 2014 и 2018 година) на светските првенства, како и два златни (2001 и 2022 година) и еден сребрен (2005 г.) на европските првенства во поединечна конкуренција. Во екипна конкуренција, пак, таа има по еден сребрен и бронзен (2002) медал од мундијалите и два сребрени (2001 и 2007 година) и три бронзени (2001, 2005 и 2007 година) од континенталните шампионати. Г.И.


Оливера Наковска-Бикова на ПОИ

ПОИ ПЛАСМАН И ДИСЦИПЛИНА
2004 шеста во финале со пиштол од 10 м, жени
14-та со пиштол од 25 м, мешано
26-та со пиштол од 50 м, мешано
2008 петта во финале со пиштол од 10 м, жени
15-та со пиштол од 25 м, мешано
15-та со пиштол од 50 м, мешано
2012 злато во финале со пиштол од 10 м, жени
12-та со пиштол од 25 м, мешано
17-та со пиштол од 50 м, мешано
2016 седма во финале со пиштол од 10 м, жени
14-та со пиштол од 25 м, мешано
четврта во финале со пиштол од 50 м, мешано
2020 шеста во финале со пиштол од 10 м, жени
деветта со пиштол од 25 м, мешано
26-та со пиштол од 50 м, мешано
2024 осма во финале со пиштол од 10 м, жени
осма во финале со пиштол од 25 м, мешано
денеска ќе настапи со пиштол од 50 м, мешано