Кај шахистките води Индијката Ваишали Рамешбабу
ШАХОВСКИ ТУРНИР ВО НОРВЕШКА
Победникот од минатата година, Американецот Хикару Накамура (2.749 рејтинг-поени), води на елитниот турнир, кој се игра во Ставангер (Норвешка), откако во петтото коло од вкупно 10-те, со црни фигури во класична партија го победи актуелниот светски првак, Кинезот Динг Лирен (2.762). Норвежанецот Магнус Карлсен (2.830) е втор, благодарение на класичната победа со бели фигури над Французинот Алиреза Фирузја (2.737), додека Индиецот Прагнананда Рамешбабу (2.747) му го нанесе вториот пораз во низа на Американецот Фабиано Каруана и сега е трет. На табелата води Накамура со 10 поени, пред Карлсен со 9, Рамешбабу 8,5, Фирузја 6,5, Каруана 5 и Лирен 2,5.
Втората класична победа во низа на Накамура му донесе нови 4,6 рејтинг-поени, што му овозможи да го прескокне второпласираниот Каруана на светската рејтинг-листа во живо. Петкратниот шампион на САД сега е вториот највисоко оценет играч во светот (2802,8), по Карлсен. Накамура го задржа официјалниот рејтинг над 2.800 од јуни до октомври 2015 година (имаше 2.816) и оттогаш ја немаше надминато бариерата од 2.800 поени.
Резултати петто коло (жени): Рамешбабу – Тингџие 1,5-1, Венјун – Конеру 1,5-1, А. Музичук – Крамлинг 3-0. Табела: Рамешбабу 10, Музичук 9, Венјун 7,5, Тингџие 6, Конеру 4, Крамлинг 3 поени.
На турнирот во двете конкуренции, победа во класична партија носи три поени, пораз нула поени, реми во класична и победа во дополните партија 1,5, а реми во класична и пораз во забрзана партија, еден поен. Г.И.