Масовноста секоја година се зголемува многукратно. Младинските шаховски лиги во минатото беа во две категории, до 12 и до 18 години, и тоа по неколку екипи, а на самиот почеток само две, Алкалоид и Гамбит Асеко СЕЕ. Денес лигите се одржуваат во сите категории, а првпат имавме лига до осум години и за девојчиња. За уште поголема масовност и квалитет на младинските лиги, треба да продолжиме со проектот „Шах во училиштата“ и потребно е што поголем број искусни шахисти да се вклучат во овој проект, кои ќе сакаат да го пренесат своето тешко стекнато знаење на следните генерации. Во новата 2024 година на сите луѓе им посакувам многу здравје, среќа и успех и, секако, ајде да играме шах повеќе, вели Орце Данчевски
ОРЦЕ ДАНЧЕВСКИ – ПРОФЕСИОНАЛЕН ШАХОВСКИ ТРЕНЕР
На неодамнешното Отворено поединечно првенство на Скопје за млади настапија рекорден број вкупно учесници (145), а годинава се одиграа и натпреварите на Младинската шаховска лига на Македонија, одново со рекорд (280 натпреварувачи од 14 клуба). Младинскиот шах има светла перспектива, со надеж дека овој тренд ќе продолжи и во следните години, а поткрепен и со проектот „Шах во училиштата“, каде што успешно продолжува да се развива соработката со училиштата и имплементирањето на шахот како изборен предмет. За овој развој разговаравме со професионалниот шаховски тренер и интернационален мајстор (ИМ) Орце Данчевски, кој го формирал клубот Гамбит Асеко СЕЕ, каде што е еден од тренерите, кој годинава ја напиша и првата македонска шаховска книга за деца „Ајде да играме шах“, а на младинските првенства со своите ученици освои шест пехари, пет со Гамбит Асеко СЕЕ и еден со Капабланка, каде што исто така е тренер.
Како ја оценувате годинава што полека изминува на полето на растот на масовноста на младинските првенства и на што се должи тоа?
– Масовноста секоја година, а особено по пандемијата на ковид-19, се зголемува многукратно. Младинските шаховски лиги во минатото беа во две категории, до 12 и до 18 години, и тоа по неколку екипи, а на самиот почеток само две, Алкалоид и Гамбит Асеко СЕЕ. Денес лигите се одржуваат во сите категории, а првпат имавме лига до осум години и за девојчиња. Учествуваа околу 280 деца, речиси од сите градови на Македонија. Според мене, два фактора се решавачки за раздвижувањето на младинскиот шах во Македонија. Првиот е активирањето на голем број шаховски клубови во државава, вкупно 31 досега, за што е заслужна Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), а вториот е проектот „Шах во училиштата“. Со сигурност почнавме да го разбиваме и митот дека шахот е машки спорт. Годинава, како што спомнав, имаме првпат лига за девојчиња до осум години и првпат на Отвореното првенство на Скопје имавме поединечен турнир за девојчиња до осум и до 10 години. Тоа е показател дека ако продолжиме вака следните години, ќе присуствуваме на вистинско будење на женскиот шах во Македонија.
Што треба да се стори оваа масовност да биде уште поголема, а и квалитетот на играта да биде на многу повисоко ниво?
– За уште поголема масовност и квалитет на младинските лиги, треба да продолжиме со проектот „Шах во училиштата“ и потребно е што поголем број искусни шахисти да се вклучат во овој проект, кои ќе сакаат да го пренесат своето тешко стекнато знаење на следните генерации. Резултатите од проектот „Шах во училиштата“ ги гледаме во бројките што ги спомнав до сега. Но, самиот потенцијал на проектот е многу поголем. За ШФМ, без разлика кој ќе ја води во следните години, акцент на своето дејствување мора да биде тој проект, кој бара голем ангажман и средства, но со сигурност е проект кој ќе донесе бенефиција на сите вклучени страни во него, децата, училиштата, родителите и ШФМ.
Како најмладите ја прифатија вашата книга „Ајде да играме шах“, која излезе кон крајот на септември?
– Јас, како автор, и издавачката куќа „Книготека Икона“, сме презадоволни од приемот и од коментарите за книгата. Секојдневно ми се јавуваат родители да изразат поддршка и пофални зборови за книгата, која станува неразделен дел од најмладите читатели, а со тоа и магијата на шахот навлегува кај нив.
Што е најтешко при работата со најмладите?
– Најважниот дел за работа со деца е поседување позитивни емоции. Децата функционираат на сосема друг начин отколку возрасните. Искреноста, радоста, смеата, емпатијата, љубовта, се фреквенциите на кои децата работат. Ако успеете да вибрирате на овие фреквенции, ќе успеете да ги мотивирате, да учат, да станат дисциплинирани, концентрирани, исполнителни и пред сѐ одговорни за своите постапки.
Какво е чувството да сте шаховски тренер на екипи што освоилe шест први места?
– Годинашното екипно првенство на Македонија од осум до 18 години е мој најголем успех во досегашната тренерска кариера. Секако дека тоа е резултат на мојата долгогодишна целосна посветеност на тренерската работа. Во шаховската школа на Гамбит Асеко СЕЕ, која ја формирав во 2005 година, во моментов тренираат околу 100 млади шахисти. Поради големиот број талентирани и перспективни млади шахисти, се појави потреба да се формираат уште два клуба, МШК Центар и ШК Капабланка, каде што поголем број млади можат да се вклучат во екипните младински лиги на Македонија. Во суштина, јас сум тренер на една шаховска школа која има три клуба. Не сум единствениот тренер во Гамбит Асеко СЕЕ, веднаш до мене се и ИМ Марјан Митков, ФМ Љубиша Андоновски, ФМ Зоран Стојчевски, ИМ Никола Николовски како и помошниците тренери, Стојанчо Димковски, Давид Николовски и Емил Жежов. Дојдов до фаза каде што морам да барам млади шахисти кои ќе ја продолжат работата што ја почнав. Во следниот период ќе се обидам да обучам што можам поголем број млади шахисти кои ќе сакаат да бидат шаховски тренери.
Кога не се дружите со фигурите, каде најчесто го минувате слободното време?
– Во слободното време сакам да пешачам, а тоа најчесто го правам до манастирите на Скопска Црна Гора.
Што посакувате во новата 2024 година?
– На сите луѓе им посакувам многу здравје, среќа и успех и, секако, ајде да играме шах повеќе.