На првенствата учествуваа 46 екипи или вкупно 257 шахисти, што претставува и најголем број на учесници досега
ШАХ – МЛАДИНСКИ ЕКИПНИ ПРВЕНСТВА НА МАКЕДОНИЈА
Во организација на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), изминатиот викенд во колеџот „Јахја Кемал“ во Скопје се одржаа младинските екипни првенства на Македонија во категориите до 8, 10, 12, 14, 16 и 18 години и девојчиња до 10 и до 12 години.
Најуспешен младински клуб е ШК Гамбит од Скопје со три злата и едно сребро, пред ШК Алкалоид од Скопје, чии екипи освоија две злата, две сребра и една бронза, и ШК Капабланка од Скопје, со две злата и две сребра, информираат од ШФМ.
Победници по категории станаа следниве екипи: момчиња до осум години, ШК Гамбит (Скопје); момчиња до 10 години, ШК Капабланка (Скопје); момчиња до 12 години, ШК Капабланка (Скопје); момчиња до 14 години, ШК Алкалоид (Скопје); момчиња до 16 години, ШК Мултиесенс (Скопје); момчиња до 18 години, ШК Алкалоид (Скопје); девојчиња до 10 години, ШК Гамбит (Скопје); девојчиња до 12 години, ШК Гамбит (Скопје).
На првенствата учествуваа 46 екипи или вкупно 257 шахисти, што претставува и најголем број на учесници досега во оваа конкуренција, во девет натпреварувачки лиги, а за првпат се организираше и лига за девојчиња до 12 години. Г.И.