Фото: ЕПА

Токму во срцето на градот ќе се одржуваат натпревари. Париз, исто така, ја користи и својата постојна спортска инфраструктура, вклучувајќи ги тенискиот стадион „Ролан Гарос“ и „Стад де Франс“, националниот фудбалски стадион

Нема да има недостиг од иконски места на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз годинава, од Версајската палата до „Плас де ла Конкорд“ и, се разбира, Ајфеловата кула, организаторите се погрижија најпознатите знаменитости на Градот на Светлината да заземат централно место за време на годинашните ЛОИ, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Токму во срцето на градот ќе се одржуваат натпревари. Париз, исто така, ја користи и својата постојна спортска инфраструктура, вклучувајќи ги тенискиот стадион „Ролан Гарос“ и „Стад де Франс“, националниот фудбалски стадион. АП фрли еден поглед на најпознатите места на кои ќе се одржуваат натпреварите во француската престолнина.
– Ајфеловата кула: Железната дама нема потреба од вовед и е на место 135 години. Одбојкари и одбојкарки треба да се натпреваруваат пред 330 метри високата кула. Ќе ги гледаат речиси 13.000 гледачи на привремениот стадион на блискиот Шам де Мар, каде што парижаните и туристите сакаат да прават пикник на тревата или да гледаат огномет на 14 јули, пишува АП.
– Версајската палата: Некогаш резиденција на француското кралско семејство, замокот е едно од најпопуларните туристички места во Париз. За време на Игрите во Париз, коњаниците ќе галопираат во срцето на градините на палатата, а таму ќе се одржуваат и натпревари во модерен петобој.
– „Гран пале“: Палатата со својот стаклен покрив со зелена боја е изградена за Париската универзална изложба во 1900 година. За изградбата биле употребени повеќе од 6.000 тони челик. Љубителите на мечување и на таеквондо ќе можат таму да гледаат олимписки натпревари.
– Градското собрание: Градското собрание со импозантен изглед има масивна фасада, која се протега високо и широко и дава златна нијанса кога светлата се вклучуваат ноќе. Постои од 1357 година. Откако го издржа тестот на времето, се чини дека е соодветно маратонот да почне од неговиот поплочен влез, пишува АП.
– „Ла Конкорд“: „Плас де ла Конкорд“ е и дом на Луксорскиот обелиск речиси 200 години, а летово брејкденсерите, како и БМХ-фристајлерите, кошаркарите „три на три“ и скејтбордерите таму ќе го споделат вниманието.
– „Лес Инвалид“: Украсениот мост „Александар Трети“ ги поврзува десниот и левиот брег на реката Сена. Луѓето што го минуваат мостот ќе можат да видат велосипедски и триатлон-натпревари или да гледаат надолу за да гледаат пливачки настани во реката Сена, пред да одат кон тревната површина, која води до „Лес инвалид“. Знаменитоста на Париз има џиновска златна купола што стои на 107 метри и е покриена со речиси 13 килограми златни листови. Таму олимписките стрелци ќе го насочат својот нишан, пишува АП.

– „Трокадеро“: Возвишената позиција на „Трокадеро“ треба да понуди одлична гледна точка за следење натпревари во триатлон, друмски велосипедизам, маратон и во трки во брзо одење.
– Арената „Берси“: Затворената арена со 20.000 седишта беше сведок на многу спортски драми низ годините. Французинот Пол-Анри Матје загуби во петтиот сет од решавачката средба со Русинот Михаил Јужни во финалето на тенискиот Дејвис-куп во 2002 година, тенискиот великан Новак Ѓоковиќ го освои мастерс-турнирот во Париз рекордни седум пати во арената, која беше домаќин и на редовните НБА-натпревари во кошарка и на меѓународни ракометни натпревари, пишува АП. Сместена е на мала оддалеченост од Министерството за финансии, а ќе биде домаќин на олимписки натпревари во гимнастика, кошарка и во трамбулина.
– Стадионот „Парк на принцовите“: Стадионот со 48.000 седишта е дом на фудбалскиот клуб Пари Сен Жермен. Франција редовно играше рагби и фудбалски натпревари на тој стадион, а пред 40 години фудбалскиот великан Мишел Платини ја предводеше Франција до првата европска титула. „Паркот на принцовите“ ќе биде домаќин на фудбалски натпревари за време на Игрите во Париз, вклучувајќи ги машките и женските финалиња, пишува АП.
– Стадионот „Стад де Франс“: Уште еден француски фудбалски великан, Зинедин Зидан, секогаш ќе има посебно место во историјата на „Стад де Франс“, откако офанзивниот играч за врска го постигна првиот гол кога националниот стадион на Франција беше свечено отворен во 1998 година, пишува АП. Подоцна истата година тој таму го прослави првиот трофеј на Франција на Светското првенство во фудбал, откако постигна два гола во победата со 3-0 на дуелот со репрезентацијата на Бразил, во финалето. Стадионот со капацитет од 80.000 луѓе беше домаќин на Светското првенство во атлетика во 2003 година, како и на многу меѓународни натпревари во фудбал и во рагби од тогаш. На ЛОИ годинава ќе се одржуваат атлетски натпревари на виолетова патека со нов изглед, како и натпревари во рагби седум.

– Стадионот „Велодром“: Стадионот на Марсеј со 67 илјади места ја има една од најжестоките атмосфери во европскиот фудбал и ќе биде домаќин на вкупно 10 олимписки фудбалски натпревари, вклучувајќи и две полуфиналиња.
– Арената „Ла дефенс“: Сместена во близината на деловен центар на околу 11 километри северозападно од центарот на Париз, арената во облик на брод е домаќин на семинари и на клупски рагби-натпревари од 2017 година. Сега ќе биде домаќин на олимпиското пливање благодарение на неговата повеќенаменска структура. Фасадата на Арената е составена од алуминиум и стакло и изгледа импресивно кога е осветлена ноќе, пишува АП.
– Стадионот „Ив-ду-Маноар“: Стадионот се наоѓа во северозападното предградие Коломб и го поврзува олимпиското минато на градот со неговата сегашност. Во 1924 година тоа беше главното место за ЛОИ во Париз. Овој пат е домаќин на натпревари во хокеј на трева. Н.М.