Од условите за работа во Јапонија сум презадоволен. Тоа е една друга димензија од држава што сериозно гледа на напредокот на своите спортисти, па од тука излегува дека таа се грижи и за своите тренери. Само со таква соработка и грижа може да се дојде до успех на целата екипа, вели Николовски

АТАНАС НИКОЛОВСКИ, ПОРАНЕШЕН МАКЕДОНСКИ КАЈАКАР ОЛИМПИЕЦ, А СЕГА ТРЕНЕР ВО ЈАПОНИЈА

Истакнатиот македонски кајакарски тренер, поранешен успешен репрезентативец и спортски директор во Кајакарската федерација на Македонија (КФМ), Атанас Николовски (43), по долгогодишната тренерска работа во Македонија, од 2023 година го пренесува своето спортско знаење и во Јапонија. Претходно беше ангажиран како тренер на репрезентацијата на Тајван со која настапи на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио 2020, а беше и тренер консултант на селекцијата на Казахстан. Денес е тренер на јапонската машка и женска кајакарска репрезентација.
Николовски, додека беше активен кајакар, успешно ги бранеше боите на Македонија, а настапи и на ЛОИ во Пекинг 2008, каде што беше и македонски знаменосец. Тој 17 години беше првак на Македонија, 11-ти на Светскиот куп (СК) во Солкан, (Словенија), 19-ти поединечно и шести екипно на Европско првенство (ЕП), седми на СП и 19-ти на ЛОИ во Пекинг 2008, повеќекратен победник на традиционалниот ИКАС. Тој е речиси 40 години дел од кајакот, ако се земе предвид дека неговиот прв натпревар бил во 1987 година, кога имал само седум години. Како тренер започнал во 2012 година, прво во својот матичен и засега единствен клуб ККК Илинден 90, во кој сѐ уште членува и помага во своето слободно време, потоа бил тренер на Светската кајак-федерација за млади талентирани кајакари од целиот свет, a денес е тренер во Јапонија.
Од кога почнавте да ги тренирате машката и женската кајак-репрезентација на Јапонија и до кога ќе трае соработка?
– По завршувањето на мојот претходен договор со Казахстан, во декември лани добив одлична понуда од Кајак-федерацијата на Јапонија да бидам нивен национален тренер во машка и во женска конкуренција. Од јануари годинава почнав со селекцијата на Јапонија и, еве, веќе неколку месеци минуваат во одлична работна атмосфера. Договорот со Јапонија за наша соработка е со важност до 2032 година, до ЛОИ во Бризбејн (Австралија), односно два олимписки циклусa. Кајак-слалом натпреварите за мажи и за жени во сите дисциплини се одржуваат на исто место.
Од каде произлезе идејата за соработка, чија беше иницијативата?
– Уште од 2020 година почнавме да разговараме за моја можна долгорочна соработка со Јапонија, но сѐ уште не беше созреана ситуацијата да се најде добра солуција. Јапонците се познати по тоа дека во секоја сфера детално го анализираат и следат оној што би сакале да ги едуцира нивните натпреварувачи, па така беше и со мене во овој случај. Ја следеа мојата работа во овие четири години во Азија, прво со Тајван, па потоа со Казахстан и на крајот најдовме заеднички јазик и се договоривме околу мојата тренерска работа во Јапонија.

Дали Јапонците се задоволни од искуството што им го пренесувате и колку вие сте задоволен од условите во кои работите?
– Тие темелно го анализираат секој оној што би бил нивен потенцијален тренер. Четири години ги следат мојата работа и успесите со Тајван и Казахстан и се задоволни од нивото со кое успеав – со мали тимови да направам екипи што успешно настапуваат на олимписки игри, азиски игри, светски првенства… Од условите за работа во Јапонија сум презадоволен, тоа е една друга димензија од држава што сериозно гледа на напредокот на своите спортисти, па од тука излегува дека таа се грижи и за своите тренери. Само со таква соработка и грижа може да се дојде до успех на целата екипа.

Каква е состојбата со јапонскиот кајак во светски рамки, има ли талентирани надежи и квалитетни активни натпреварувачи?
– Јапонија е земја што нема огромна традиција во кајак-слаломот, ако ја споредиме со Европа, но како сериозна држава што максимално вложува во афирмација на земјата преку спортот, таа веќе се вбројува во земјите што се сериозни претенденти за медал на големите натпревари. Еден од натпреварувачите што можам да го издвојам е Такуја Ханеда, кој е всушност икона на јапонскиот спорт и сѐ уште е актуелен натпреварувач, носител на бронза од ЛОИ во Рио 2016 година.

Напорно ли е да се биде тренер на јапонскиот национален тим?
– Секоја работа ако се сака, ако се работи со љубов и страст, воопшто не е напорна. А Јапонија е токму земја каде што може да научите дека, пред што и да правите, каде и да работите, ако не го сакате тоа, тогаш вашето место и не е тука. Тие се премногу благодарни за она што го работат и од тука доаѓа она, да се биде тренер во јапонските тимови во кој било спорт претставува огромна чест и со задоволство. Сепак, би додал дека кајак-патувањата се мачни и се најголемиот проблем, но со добра екипа ништо не е тешко.

Ваш коментар за денешните состојби со кајакот во Македонија?
– Мислам дека целокупниот лош систем во државата има огромно влијание и во спортот, па од тука тоа се одразува и на македонскиот кајак. Парцијалните решенија, кои секоја гарнитура ги носи со себе, го чинат македонскиот спорт ова што е денес. Два олимписки медала за независна Македонија за 33 години на ЛОИ, сметам дека е искрен одговор на ова прашање, но и одговор на сето она што државата го вложила во спортот и во младите. Сите знаеме дека спортот и културата се најголеми амбасадори на една држава, па од тука и произлегува дека нашите политичари воопшто не водат грижа како ние, како тренери спортисти, се снаоѓаме во овој систем, за сепак да ја претставуваме државата во најубаво светло. Целата оваа хаотична состојба, за жал, се рефлектира и врз македонскиот кајак, што и ме натера во 2019 година да си заминам и да продолжам некаде да го работам она што го сакам и каде што барем малку ќе го почитуваат она што го правам.

Дали размислувате еден ден да ја преземете селекторската функција во македонската кајак-репрезентација?
– Бидејќи договорот со Јапонија ми е од отворен карактер и можам да го прекинам кога сакам или кога тие сакаат, мислам дека постојат опции за мое враќање, па од тука и преземањето на македонските репрезентативци би го направил со огромно задоволство. Се разбира, доколку има желба за нормализирање на работите во македонскиот спорт.

Посебна желба во кајакот, можеби медал со Јапонците или…?
– Јапонија, секако ќе има медал на ЛОИ, а најголема желба ми е да освојам медал со македонски кајакар на голем натпревар, по можност на ЛОИ, оти Македонија заслужува такво нешто. Имаме тројца јапонски натпреварувачи за ЛОИ 2024, во три различни дисциплини од можни четири, така што веќе ја исполнивме квотата што ја сакавме и очекувавме.

Имате ли слободно време во Јапонија и каде најчесто го минувате?
– Да, секако дека имам слободно време. Најчесто сакам да прошетам и да истражам нови места, а верувајте дека во Јапонија нема крај на истите тие.


Одлични услови за тренинг

Овде условите за работа се одлични. Има неколку природни патеки во областа Оита, потоа во Кјото и многу други, но сепак, базата на националниот тим е во Токио, на олимписката патека од 2020. Таа патека е една од најмодерните во светот, па од тука споредбата со нашите, во Македонија, е невозможна. Иако патеката на Матка е мојата прва и последна љубов, чесно е да се каже дека македонскиот кајак заслужува обновување на истата таа за постигнување што подобри резултати, притоа земајќи ги предвид традицијата и резултатите во македонскиот кајак – вели Николовски.