Фото: Пексел

АТЛЕТИКА – ЊУЈОРК

Холанѓанецот Абди Нагеје и Кенијката Шила Чепкируи се победници на машката, односно на женската маратонска трка во Њујорк (САД). Нагеје (постигна време од 2:07,39 часа) го надмина Кениецот Еванс Чебет (2:07,45), шампион од 2022 година, во последниот дел, а трет е Кениецот Алберт Корир (2:09,00), пренесе „Би-би-си“. Маратонот во Њујорк е последниот за годинава од серијата најголеми светски маратони, во кои се и тие во Токио, Бостон, Лондон, Берлин и во Чикаго.
– Бев многу фокусиран. Кога стигнав до целта, емоциите ги немаше. Се чувствував како да сонувам – рече Нагеје, носител на сребрен медал од Летните олимписки игри во 2021 година.
Чепкируи триумфира со време 2:24,35 часа, со што ја освои својата прва голема победа на светските маратони. Таа заврши со 14 секунди предност пред Хелен Обир (2:24,49), победничката во 2023 година, а Вивијан Черујот (2:25,21), го комплетира целосно кенискиот подиум.
– Оваа победа многу ми значи. Морав да се внесам во трката, навистина беше тешко. Многу сум среќна – рече Чепкируи. Г.И.