ШАХ – ПРВ КУП „СРЕДБА НА ГЕНЕРАЦИИТЕ“
- Овој двомеч, со душа, борбен докрај, едноставно ги постави основите како треба да се одржува и продлабочува соработката меѓу шаховските клубови, вели претседателот на ШКВ Скопје 72, Илија Стошевски
Младите надежи на Алкалоид (шахисти до 16 години) минимално славеа во двомечот против искусните шаховски ветреани на ШКВ Скопје 72, кој во организација на ШКВ Скопје 72 се одржа во просториите на „Еснаф“ во Скопје. Предводен од капитенот, ВМ Драгољуб Јаќимовиќ, ШК Алкалоид славеше благодарение на подобриот збир на вкупно освоени поени со 6,5-5,5, откако во првиот меч победија помладите со 4-2, а во вториот поискусните со 3,5-2,5. Победничкиот преоден пехар на надежите на Алкалоид им го предаде претседателот на ШКВ Скопје 72, Илија Стошевски. Овој куп ќе стане традиционален и ќе се игра секоја година.
– Ви благодариме за топлиот пречек и за прекрасната организација на првиот ваков куп. В година ќе се потрудиме да ви возвратиме, но како домаќини – изјави Јаќимовиќ.
Комисијата едногласно ја прогласи за најдобра партијата во вториот меч помеѓу Никола Бошковски и Илија Стошевски, која беше мошне бурна, остра и со многу тактички удари, а победи Бошковски.
– Прекрасна, емотивна, но борбена средба на ШКВ Скопје 72 и младите надежи на ШК Алкалоид. Ова е одличен пример како школите треба да соработуваат со ветераните, а во средбите да ги мерат резултатите од работата на младите шахисти. Наедно и нешто да научат од искусните шаховски „волци“ иако ние настапивме видливо ослабени, без тројца ФИДЕ-мајстори. Во секој случај, во македонскиот шах дуваат некои нови ветришта, откако ветераните ја презедоа работата околу организирање и играње вакви мечеви, домашни и меѓународни. Овој двомеч, со душа, борбен докрај, едноставно ги постави основите како треба да се одржува и продлабочува соработката меѓу шаховските клубови. Нешто многу убаво се случи во македонскиот шах – ни изјави претседателот на ШКВ Скопје 72, Илија Стошевски.
Резултати, прв меч, ШК Алкалоид – ШКВ Скопје 2,5-3,5: Кирил Николовски – Љубомир Хаџи-Манев реми, Никола Радоњанин – Миле Трајковски реми, Никола Бошковски – Илија Стошевски 1-0, Војдан Андоновски – Зоран Јовановски 0-1, Филип Петковски – Душан Сурловски 0-1, Драги Јакимовски – Атанас Ташевски реми.
Резултати, втор меч, ШКВ Скопје 72 – ШК Алкалоид 2-4: Димитар Качаковски – Кирил Николовски 0-1, Илија Тодоровски – Никола Радоњанин 0-1, Илија Стошевски – Никола Бошковски 0-1, Љупчо Ѓоршев – Војдан Андоновски 1-0, Миле Трајковски – Славен Блажевски 1-0, Атанас Ташевски – Драги Јакимовски 0-1. Г.И.