Начинот на кој најмногу би сакал да ме паметат е како добар човек од мало село во Мајорка. Заминувам со мир на умот дека оставив наследство, за кое навистина чувствувам дека не е само спортско туку и лично, рече Надал, 22-кратниот гранслем-шампион
ЛЕГЕНДАРНИОТ ТЕНИСЕР ЗАМИНА ВО ПЕНЗИЈА
Рафаел Надал, 22-кратниот гранслем-шампион, минатата недела замина во пензија, откако во Малага репрезентацијата на Шпанија беше поразена од Холандија во четврт-финалето на Дејвис-купот. Надал се пензионира како втор најуспешен машки сингл играч на сите времиња, само зад долгогодишниот ривал Новак Ѓоковиќ, пишува „Би-би-си“.
– Би сакал да бидам запаметен како дете што постигна повеќе отколку што сонуваше. Имав многу среќа во животот што имав можност да го живеам, доживеав незаборавни искуства поради тенисот. Бев само дете што ги следеше своите соништа, работев максимално напорно за да бидам таму каде што сум денес. Начинот на кој најмногу би сакал да ме паметат е како добар човек од мало село во Мајорка. Заминувам со мир на умот дека оставив наследство, за кое навистина чувствувам дека не е само спортско туку и лично. Разбирам дека љубовта што ја добив, да беше само поради тоа што се случи на теренот, немаше да биде иста – вели тој, пренесе „Би-би-си“.
Познат како кралот на земјените терени, Надал ја освои титулата на Отвореното првенство на Франција рекордни 14 пати. Тој ги освои своите 22 гранслем-титули за време на ерата на Големата тројка, во која се натпреваруваше со другите великани Ѓоковиќ и Роже Федерер, а неговите двајца најголеми ривали беа меѓу оние што сакаа да оддадат почит на кариерата на Надал. Федерер во објава на Инстаграм наведе дека Надал го „направи горд целиот тениски свет“ за време на неговата „епска кариера“, а Ѓоковиќ, пак, беше меѓу оние што оставија видеопорака за Надал, велејќи: „Бев многу почестен и возбуден што ме нарекуваат твој ривал“, пишува „Би-би-си“. Британецот Енди Мареј рече: „Страста и интензитетот со кој играше беа нешто кон што мислам дека се стремат сите тенисери и по што ќе те паметат сите љубители на тенисот. Беше неверојатно кога те гледав“. Американката Серена Вилијамс објави на Инстаграм: „Честитки за кариерата за која повеќето нема да се осмелат да сонуваат. Твоето наследство никогаш нема да умре“.
БРЕЈК-ТОПКИ, СЕРВИС…
Агресивен од основната линија, Надал беше познат по своите борбени квалитети, особено за време на клучните брејк-топки во натпреварите под висок притисок. Тој беше веројатно најдобар меѓу играчите со слични големи рекорди кога станува збор за зачувување или претворање на брејк-поени. Машката Голема тројка, Надал, Ѓоковиќ и Федерер, освои повеќе од 40 насто од брејк-топките и спаси над 65 проценти од нив, пишува агенцијата „Ројтерс“.
За разлика од многу негови ривали, првиот сервис на Надал не беше големо оружје и тој беше зад просечната брзина на турнејата, но сервираше со многу длабочина, според информациите на „Тенис апстракт“, блог што ги следи податоците за тенисот, пишува „Ројтерс“. Џон Иснер и Иво Карловиќ, двајца од најголемите сервери, во просек имаа речиси 20 аса на секој меч, Ѓоковиќ и Федерер од шест до девет, а Надал нешто повеќе од три. Вистинскиот подарок на Шпанецот беше неговиот втор сервис. Според АТП, Надал освоил речиси 58 отсто поени од својот втор сервис, најмногу за кој било играч на турнејата. Негови најблиски ривали се Федерер, Ѓоковиќ, Иснер и Енди Родик.
Колку повеќе измени противниците играа со Надал толку беше поголема веројатноста да загубат поен. Според „Тенис апстракт“, идеалното време да се добие поен на меч со Надал беше во првите три удари. Единствениот што статистички го победи на подолгите измени беше Андре Агаси. Иако овие податоци не ги опфаќаат сите натпревари на Надал или на Агаси, тоа е показател за тоа како врвните играчи пристапуваат на своите удари.
ФОРХЕНД
Најголемиот ривал на Надал веројатно не беше преку мрежата, туку неговото тело. „Единственото прашање со Рафа е физички колку неговото тело може да го издржи ударот со тоа колку напорно работи за секој поен“, рече американскиот 14-кратен гранслем-победник Пит Сампрас во интервју за „Ројтерс“ во 2010 година. Разорниот форхенд и ненаситниот апетит на Надал да го освои секој поен го зедоа данокот низ годините, а добар барометар за неговите повреди е фактот што пропушти 16 гранслем-турнири, пишува „Ројтерс“. Иако неговиот стил на игра имаше влијание, Надал имаше долга кариера и е меѓу најстарите и најмладите што освоиле гранслем-трофеј.
Неговиот форхенд, почитуван поради неговата ефикасност, беше веројатно најуникатниот дел од неговата игра. Користејќи неконвенционален стисок и движење слично на камшикување, тој можеше да генерира многу ротации изненадувајќи ги противниците со отскокнувањето и со брзината. Но овој стил, исто така, стави силен стрес на неговото тело, пишува „Ројтерс“. Во интервју за „Њусдеј“ во 2013 година, Џон Јандел, кој го води тенискиот блог tennisplayer.net, и кој користел камери со голема брзина за да проучува како тениските топчиња ротираат откако ќе бидат погодени, рече дека по удар на Надал „топчето има од 3.000 до 3.600 вртежи во минута. Тешко е да се поверува дека тоа всушност може да биде вистина. Но тоа е вистина“, пренесе „Ројтерс“.
Овој удар го прави неговиот стил погоден за земјените терени во Париз, кои како подлога создаваат многу отскокнувања, што им отежнува на противниците да ја вратат топката. Во машкиот тенис во последните две децении доминираа Надал (22 гранслем-титули), Федерер (20) и Ѓоковиќ (24), но нема сомневање дека Надал е најдобар на земјена подлога, најбавната во спортот. Токму Ролан Гарос беше негов омилен, каде што освои 14 титули, рекорд што веројатно нема да биде помнат наскоро, со само четири порази на 116 меча. Н.М.