Над 200 тркачи од повеќе клубови од земјава и странство зедоа учество на уличните трки што во Кичево се организираа за првпат годинава. Покрај дисциплините на 5.000 и 10.000 метри, своја трка имаа и најмладите од градот кои зедоа учество во голем број. Домаќинот успешно го положи тестот и според сите учесници на овие трки, во целост ги организира на највисоко ниво.
– На вчерашните трки на 5.000 и 10.000 метри првите места ги освоија атлетичарите со поголемо искуство на ваков вид трки. Така, на 10.000 метри кај жените првото место го освои Греса Бакрачи од Косово, второто место и припадна на Андријана Поп Арсова од Македонија, а третото место го освои Марија Пеликон исто така од Македонија. Кај мажите, на оваа должина првото место го освои Мухамед Мислими од Македонија, пред Герсид Мема од Албанија и Иван Трпчевски од Македонија – истакна Никола Миланоски член на локалниот атлетски клуб Ускана, организатор на овие трки.
Тој ги соопшти и најдобрите на 5.000 метри.
– На 5.000 метри кај жените првото место и припадна на Теа Божиноска, второто го освои Фросина Михајлоска, а третото на Бојана Наумоска, сите од Македонија. Кај мажите, тандемот од атлетскиот клуб Делта, Леонид Вандевски и Глигорија Никоски ги освоија првите две места, а на третото место се пласира Ставре Јада. Вкупното време на Вандевски изнесуваше 15,06 минути – додаде Миланоски.
Најдобрите на овие трки освоија награди од 300 евра за првопласираните, 200 евра за второпласираните и 100 евра за оние што завршија на третото место. З.А.