Фото: ЕПА
  • Организаторите на Игрите во понеделникот изјавија дека му посветуваат „максимално внимание“ на проблемот и сега потврдија дека е пронајдено решение, пишува „Би-би-си“

Организаторите на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и во Кортина д`Ампецо „идентификуваа“ причина за низата скршени медали на ЗОИ 2026 и рекоа дека на сите спортисти што се погодени ќе им бидат поправени медалите, пишува „Би-би-си“.
Двајца од освојувачите на златни медали од САД, Бризи Џонсон и Алиса Лиу, открија дека лентата се одвоила од медалот веднаш откако ја добиле наградата. Џонсон, која освои злато во спуст по алпско скијање, го покажа својот скршен медал на прес-конференцијата по настанот.
– Еве го медалот. И еве ја лентата. И еве го малото парче во кое треба да влезе лентата за да го држи медалот, и да, се распадна – им рече таа на новинарите.
Лиу откри сличен проблем во видео на социјалните мрежи, откако освои злато како дел од репрезентацијата на САД во екипното натпреварување во уметничко лизгање. Видеото ја покажува Лиу како ги држи медалот и лентата во одделни раце, со текст: „На мојот медал не му треба лента“. Проблемот го имаше и германскиот тим што освои бронза во биатлон, пишува „Би-би-си“. Видео на Инстаграм го покажува медалот како паѓа од лентата на еден од спортистите додека тој скока горе-долу славејќи во хотелот на репрезентацијата.
Организаторите на Игрите во понеделникот изјавија дека му посветуваат „максимално внимание“ на проблемот и сега потврдија дека е пронајдено решение, пишува „Би-би-си“.
– По пријавите за проблеми што влијаат на мал број медали, организацискиот комитет веднаш го разгледа прашањето, тесно соработувајќи со Државната ковачница што ги произведе медалите. Идентификувано е решение и воспоставено е целно решение. Спортистите чии медали се засегнати се охрабруваат да ги вратат преку соодветните канали за да можат брзо да бидат поправени и вратени. ЗОИ 2026 останува целосно посветена на обезбедување дека медалите, кои претставуваат врв на патувањето на секој спортист, ги исполнуваат највисоките стандарди за квалитет и грижа – изјави портпаролот, пренесе „Би-би-си“.
Ова не е првпат квалитетот на медалите доделени на олимписки игри да биде доведен во прашање, откако од февруари 2025 година се поднесени вкупно 220 барања за замена на медалите освоени на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз во 2024 година, поради абење, по што организаторите на ЛОИ 2024 рекоа дека сите оштетени медали ќе бидат заменети, пишува „Би-би-си“. Н.М.