Летовите ќе бидат ограничени, дневно на два за еден час и не повеќе од 900 во текот на целиот пробен период „со оглед на експерименталната природа“ на возилата, се вели во одлуката
Француската влада вчера даде зелено светло за изградба на пловечка платформа за слетување на реката Сена за летачки таксија за време на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз, пишува агенцијата АФП. Во официјалната одлука се вели дека подлогата „може да се користи до 31 декември 2024 година“ по неколкумесечната неизвесност околу тоа дали таксијата ќе возат во воздух за време на ЛОИ. Летовите ќе бидат ограничени, дневно на два за еден час (од 8 до 17 ч.) и не повеќе од 900 во текот на целиот пробен период „со оглед на експерименталната природа“ на возилата, се вели во одлуката.
Двоседите се опремени со 18 ротори на електричен погон на кружна рамка над трупот. Тие се надеваат дека ќе ги искористат ЛОИ за да покажат дека технологијата може ефикасно да ги поврзе местата за полетување и за слетување. Четири вертипорти (аеродроми за возила за вертикално полетување и слетување) веќе се поставени во париските предградија, вклучувајќи и еден на аеродромот „Шарл де Гол“, а новата локација ќе биде прва во градот.
Поддржувачите ги прогласуваат летачките таксија како форма на авијација со ниска содржина на јаглерод и се надеваат дека идните поголеми верзии би можеле да се користат како амбулантни возила или во други улоги. Но многу градски официјални лица во Париз ги сметаат плановите како штетни за животната средина, пишува АФП. Француската национална управа за животна средина откри дека процената на влијанието на подлогата за слетување била „нецелосна“ за прашања како што се бучавата, потрошувачката на енергија и емисиите за стаклена градина. Такси-возилата не се сертифицирани од Агенцијата за воздухопловна безбедност на Европската Унија, што значи дека операторите можат да нудат само бесплатни демонстративни летови за време на ЛОИ, пишува АФП. Г.И.