Повеќе од 56.000 тркачи се очекува да ја поминат делницата, а поставен е и светски рекорд за пристигнати пријави за учество на тој маратон
АТЛЕТИКА
Лондонскиот атлетски маратон годинава треба да влезе во историјата како најголем во светот во оваа дисциплина, објави „Би-би-си“. Повеќе од 56.000 тркачи се очекува да ја поминат делницата од 42,195 километри на 27 април, со што би се надминал сегашниот рекорд од 55.646 тркачи што го завршиле маратонот, поставен во Њујорк, во ноември, пишува „Би-би-си“.
Од првиот Лондонски маратон во 1981 година, повеќе од 1,3 милион тркачи ја истрчаа таа патека. Повеќе од 840.000 луѓе се пријавија за учество во годинашната трка, соборувајќи го светскиот рекорд од 578.304 за изданието во 2024 година.
– Ова 45-то издание е значајно за нас и би било прекрасно да го одбележиме тоа за да станеме најголемиот маратон што некогаш бил одржан некаде во светот – рече Хју Брашер, извршен директор на Лондонскиот маратон.
Легендата на трките Елиуд Кипчоге годинава се враќа на Лондонскиот маратон, првпат од 2020 година, женската светска рекордерка Рут Чепнгетич, олимписката шампионка Сифан Хасан и освојувачката на сребрен медал Тигст Асефа, трите најбрзи жени во историјата, е потврдено дека ќе учествуваат во трката за маратонки, пишува „Би-би-си“. Н.М.