Со 13 милиони оброци послужени за време на Игрите, вклучувајќи и за навивачите, персоналот, волонтерите и спортистите, фокусот е вперен на локално одгледуваниот зеленчук. Вкупно 15.000 спортисти, кои се хранат според строги правила за тренирање, ќе имаат пристап до месо и риба од локално потекло
Париз 2024 ќе може да се пофали со најголемиот бар за салати во светот, ќе им понуди на навивачите вегетаријански хот-дог и ќе донесе до половина милион банани со брод за да ја задоволи незаситната побарувачка на спортистите за овошје, а истовремено да го избегне јаглеродниот отпечаток од воздушниот сообраќај. Како дел од нејзините напори за намалување на емисиите на јаглерод, ЛОИ во Париз ќе влезе во историјата нудејќи повеќе вегетаријанска кујна отколку на кои било игри досега. Франција е европска земја со најголема потрошувачка на говедско и телешко месо по жител, но готвачите велат дека на ЛОИ ќе ја ребрендираат француската гастрономија како изложба на растителна храна, пишува британски „Гардијан“.
Ресторанот во Олимпиското село на спортистите, кој служи 40.000 оброци дневно и е отворен 24 часа, ќе стане најголемиот ресторан на Земјата. Една третина од неговите 500 рецепти ќе бидат вегетаријански. За првпат, фирма за замена на месо од растително потекло е олимписки спонзор, обезбедувајќи плескавици од растително потекло и производи од наут и цвекло.
– Ние сме во Франција, така што храната е важна. Но станува збор за претставување друг начин да се јаде вкусно, дури и на брз начин, како вегетаријански хамбургери и виршли на стадион – вели Џорџина Гренон, директорка на животната средина за Париз 2024 година.
Со 13 милиони оброци послужени за време на Игрите, вклучувајќи и за навивачите, персоналот, волонтерите и спортистите, фокусот е вперен на локално одгледуваниот зеленчук. Вкупно 15.000 спортисти, кои се хранат според строгите правила за тренирање, ќе имаат пристап до месо и риба од локално потекло. Но бројот на вегетаријанските јадења што ќе им се понудат ќе биде многу поголем од претходно.
Во меѓувреме, од проценетите пет милиони оброци и закуски продадени на навивачите на стадионите, 60 отсто од оние во Париз и околната ќе бидат вегетаријански. Ова ќе вклучи вегетаријански хот-дог тестиран минатата година, каде што значително ја надмина продажбата на месо. Ќе има и специјални кифли со јајца за љубителите на атлетиката на „Стад де Франс“, каде што трките често се одржуваат наутро, а местата ќе нудат и органски вегетаријански палачинки и вегански сендвич. Урбаниот парк на „Плас де ла Конкорд“, кој ќе биде домаќин на скејтбординг, брејкденс и BMX, ќе биде без месо. Строгите ограничувања за јаглеродниот отпечаток гарантираат дека храната за ЛОИ во Париз нема да доаѓа со авион. Ова значи дека бананите ќе се испраќаат со брод од француските Кариби, а вкусното овошје што треба да стигне авионски е забрането, пишува „Гардијан“.
– Се разбира, одличната гастрономија може да биде вегетаријанска. Француската кујна за мене е една од најразновидните, најмешани, најразновидни во светот, оти има големо влијание од многу земји, а нејзиното богатство лежи во техниките на готвење – рече меѓу другото францускиот готвач Акрам Беналал.
Еден од рестораните на Беналал, „Ширван“ во Париз, инспириран од патот на свилата, веќе служи 60 отсто вегетаријански јадења. Чарлс Гилој, кој ќе го води ресторанот во Олимпиското село, каде што на 3.500 места за седење, спортистите за првпат ќе јадат од чинии што се мијат, наместо од оние за еднократна употреба. Во меѓувреме, мензите за олимпискиот персонал и волонтерите ќе служат 50 отсто вегетаријански оброци, а во некои денови ќе се нудат само вегетаријански јадења. Спортистите ќе можат да јадат според нивната култура и потребите за исхрана
– Сакавме да ја смениме тенденцијата, да понудиме вегетаријански опции. Овде вегетаријанецот е мнозинство, има и опции за месо, но тие се помалку на број – вели Филип Вурц, задолжен за угостителство во Организацискиот комитет (ОК) на Игрите. Г.И.