На ЛОИ 2028 ќе има 31 спорт, со дополнителни пет спорта предложени од Организацискиот комитет и одобрени од ИОК во 2023 година (бејзбол/софтбол, крикет, лакрос, американски фудбал со знаме и сквош), пишува ИОК
ИОК
Програмата за настани и квотите за спортисти за Летните олимписки игри (ЛОИ) во Лос Анџелес во 2028 година се одобрени од Извршниот одбор (ИО) на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Со вкупно 351 натпревар за медали, 22 повеќе отколку во Париз во 2024 година, програмата на ЛОИ 2028 ја одржува основната спортска квота од 10.500 спортисти, со дополнителни 698 места распределени за петте спорта предложени од Организацискиот комитет на ЛОИ 2028 (бејзбол/софтбол, крикет, лакрос, американски фудбал со знаме и сквош), пишува ИОК.
Првпат во историјата сите екипни спортови ќе имаат барем ист број женски репрезентации како и машките селекции, при што во ватерполото се додадени две репрезентации за жени, па сега ќе има по 12 женски и машки селекции. Фудбалот, со 16 женски репрезентации, ќе има четири повеќе отколку машки селекции.
Родовата еднаквост беше клучно внимание при одлучувањето за квотата на спортистите и бројот на настани, пишува ИОК. Во почетната спортска програма, со 10.500 спортисти, бројот на спортистки е 5.333, а бројот спортисти 5.167.
Во дополнителните спортови се додаваат 322 спортистки и 376 спортисти. Покрај тоа, шест мешани настани беа додадени во програмата на ЛОИ 2028. Од 351 настан за медали, има 161 женски, 165 машки и 25 мешани настани.
На ЛОИ 2028 ќе има нови можности за медали и иновации, па, така, во пливањето натпреварите на 50 метри грбно, делфин и градно за мажи и за жени ќе донесат возбуда со голема брзина во базенот на стадионот „Инглвуд“, во веслање поединечни трки за жени и за мажи и во мешани двојки ќе го имаат своето деби во спринт, во спортско качување ќе има два одвоени натпревари, создавајќи нови можности за спортистите, а во баскет 3×3, откако дебитира на ЛОИ 2020 во Токио со по осум тима за мажи и за жени, настанот се прошири и сега ќе вклучува по 12 репрезентации, пишува ИОК.
Вкупно 24 од 31 олимписка меѓународна федерација поднесоа барање за промена на нивната програма за настани од ЛОИ 2024, а вкупно беа побарани 46 нови настани (16 за мажи, 17 за жени и 13 мешани). На ЛОИ 2028 ќе има 31 спорт, со дополнителни пет спорта предложени од Организацискиот комитет и одобрени од ИОК во 2023 година. Н.М.