Миоки најуспешен кадетски клуб, со освоени три златни и по два сребрени и бронзени медали
ЏУДО
Во спортската сала „Архиепископ Доситеј“ во Скопје се одржа државното првенство во џудо за деца и кадети, на кое беа видени одлични борби, а љубителите на џудото присутни во салата особено уживаа во одлично прикажаните борби на македонските надежи во категоријата деца.
Присутните ги поздрави претставник од техничкиот организатор на ова првенство, ЏК Карпош џудо-мастер, а првенството официјално го прогласи за отворено генералниот секретар на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Благоја Гешоски.
Кај кадетите најуспешен клуб е Миоки од Скопје со освоени три златни и по два сребрени и бронзени медали. Со злато се закитија Емилија Паскоска (категорија до 44 кг), Филип Митревски (до 60 кг) и Марио Стојчевски (до 90 кг), сребро освоија Хамида Друштинац (до 48 кг) и Марко Панчевски (до 66 кг), а бронзи Ханија Друштинац (до 57 кг) и Петар Давчев (до 66 кг). На првенството за деца, Миоки освои по две први и трети места и четири втори.
ЏФМ не застанува тука со организирање натпревари, а посебно за потсетување за јавноста е што годинава ја очекуваат големи настани како што се Европско првенство за кадети, Европскиот куп за јуниори и за сениори и Европскиот младински олимписки фестивал, велат од ЏФМ. Г.И.