Фото: ЕПА

Мурзин влезе во историјата како втор најмлад шахист што победил на СП во забрзан шах, а Конеру ја освои својата втора светска круна. Главниот судија на СП објасни дека по седмото коло Карлсен добил казна од 200 долари затоа што отишол да игра во фармерки, а кога му бил даден ултиматум да облече панталони, пред последното коло на вториот натпреварувачки ден, или да не биде спарен, тој го одбил тоа, пишува „Чес“. Холовчак појасни дека Карлсен не бил исфрлен од турнирот и дека можел да игра во 10. коло, но Карлсен веќе ја донел одлуката

СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ЗАБРЗАН ШАХ

По драматичниот финиш во отвореното и на женското натпреварување на Светското првенство (СП) во Њујорк (САД), шаховскиот свет доби нови крал и кралица во забрзан шах (15 минути плус 10 секунди за секој потег по играч). Русинот, 18-годишниот Володар Мурзин (2.588 рејтинг-поени, рангиран 59-ти пред почетокот на СП), влезе во историјата како втор најмлад шахист што победил на СП во забрзан шах. Индијката Хампи Конеру (2.431, рангирана 10-та) ја освои својата втора светска круна во истото натпреварување, со 8,5 пеони од 11 можни (иако почна со пораз). Норвешкиот велемајстор Магнус Карлсен (2.838, рангиран прв) се повлече по осмото коло на СП, по несогласувањето со Светската шаховска федерација (ФИДЕ) по прашањето за кодексот на облекување. Петкратниот светки првак во забрзан шах најави дека нема да ја брани титулата и на СП во брз шах, вчера, во 11 кола, а на кое досега триумфира седум пати. Главната причина за оваа случка е тоа што Карлсен играл со фармерки, наместо со панталони. Денеска се игра СП во брз шах, а утре се четвртфиналните, полуфиналните и финалните мечеви.
Мурзин, кој освои импозантни 10 поени (седум победи, шест нерешени и ниту еден пораз) и кој стана вториот најмлад играч што ја освоил оваа титула, по победата на Нодирбек Абдусатторов во 2021 година, имаше ѕвездени перформанси против повеќето најсилни и искусни играчи во светот, меѓу кои и Фабијано Каруана, Хикару Накамура, Јан Криштоф-Дуда… Одлучувачко се покажа 10. коло, каде што победи на дуелот со Полјакот Дуда, победникот на СК во 2021 година. Потоа следуваше тешко реми со легендарниот Русин Александар Гришчук во 11-то коло, а во 12-то го победи Прагнананда од Индија. Беше следен од седум елитни играчи, но излезе прв. Второто место го поделија Русите Александар Гришчук (2.675), трикратниот светски првак во брз шах, и Јан Непомнијашчи (2.758) со по 9,5 поени. Шест играчи се изедначија на третото место со по девет бода.

– За мене е лесно да се игра со врвни велемајстори оти е многу интересно да се игра со нив. Сакав да победам, имав малку среќа, но успеав. Немам свои идоли – изјави по триумфот Мурзин.
Конеру, највисоко рејтингуваната шахистка во Индија, ја обезбеди втората титула светска шампионка, по освоената во 2019 година, пишува ФИДЕ. Патот на Конеру до врвот почна тивко, со само 2,5 поени од четири можни по првиот ден. Меѓутоа, до крајот на вториот ден таа се искачи на првото место заедно со сонародничката Харика Дронавали (2.416, 12-та) и актуелната светска шампионка во класичен шах, Ју Венјун (2.536, прва). Влегувајќи во последното коло, покрај Конеру, шанси за титулата имаа и Венјун, Дронавали, Катерина Лагно, Тан Жонгји, Ирин Каризма Сукандар и Афруза Камдамова. Во услови на очекување за тајбрејк, победата на Конеру во последното коло на дуелот со ИМ од Индонезија Сукандар (2.354), го направи тоа непотребно. Второто место ѝ припадна на Венјун со осум поени, а трета беше трикратната шампионка во брз шах, Русинката Лагно (2.433, осма), исто така со осум поени.
Главниот судија на СП, Алекс Холовчак, објасни дека, по седмото коло Карлсен добил казна од 200 долари бидејќи играл во фармерки, а кога му бил даден ултиматум да облече панталони, пред последното коло на вториот натпреварувачки ден или да не биде спарен, тој го одбил тоа, пишува „Чес“. Холовчак појасни дека Карлсен не бил исфрлен од СП и дека можел да игра во 10. коло. Но светскиот шампион во забрзан шах веќе ја донел својата одлука. ФИДЕ објави официјална изјава, каде што нагласува дека кодексот на облекување ги обезбедува вредностите на „професионализам и правичност за сите играчи“. Тие напишаа и дека прописите за облекување ги подготвува Комисија за спортисти на ФИДЕ, која е составена од професионални играчи и од експерти, и дека правилата постојат со години и тие им се добропознати на сите учесници, велат од ФИДЕ, пренесе „Чес“.
– Мислам дека одлуката на главниот судија беше целосно исправна. Во подготвувањето на правилниците учествувале професионални шахисти. Карлсен имаше многу време за преоблекување, а неговиот хотел беше само три минути оддалечен од местото на настанот – рече извршниот директор на ФИДЕ, Емил Сутовски, во едно интервју, пренесе „Чес“.
Зборувајќи со интернационалниот мајстор Леви Розман за „Тејк тејк тејк“, Карлсен рекол дека бил подготвен да ја промени својата облека следниот ден, но не меѓу натпреварувачките кола за време на турнирот.

– Тоа што тие ги спроведуваат нивните правила, за мене е во ред, но и мојот одговор e во ред. Реков дека ќе ја сменам облеката утредента, но тие ми рекоа дека тоа морам да го сторам сега и тоа стана прашање на принцип за мене. Искрено, престар сум во овој момент за премногу да се грижам за тоа. Ако е ова тоа што сакаат да го направат, тогаш веројатно ќе заминам некаде каде што е времето малку поубаво – рече Карлсен, пренесе порталот „Чес“.
Интернационалниот мајстор и селектор на македонската машка репрезентација Атанас Кизов, по повод случајот со Карлсен вели: „Мислам дека никој никому не треба да му наметнува како да се облекува. Важно е само да е пристојно. Не знам во детали што точно се случувало таму, ама знам дека секогаш неспособни организации наметнуваат некакви правила за да се затскрие нивната неспособност“. ФИДЕ-мајсторот Љубиша Андоновски, пак, рече: „Има една тенденција веќе подолго време, а тоа е шахистите да имаат сѐ повеќе разни забрани и обврски неповрзани директно со самата игра, додека судиите, разни комисиски ликови се многу важни, недопирливи. Конкретно ова е огромен скандал за мене и ќе видиме што ќе донесе понатаму“. Г.И.