Фото: ЕПА

Од оние што се надеваат дека ќе го сопрат Погачар, двократниот шампион Вингегор (28) има најреални шанси. Данецот знае како да го победи Погачар откако триумфира на оваа трка во 2022 и 2023 година

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ДЕНЕСКА ПОЧНУВА 112. ТУР ДЕ ФРАНС

Кога актуелниот шампион на Тур де Франс денеска ќе ја започне одбраната на титулата во Лил, тој ќе го стори тоа како голем фаворит за победа на најголемата друмска трка во велосипедизмот по четврти пат на 26-годишна возраст. Словенецот Тадеј Погачар стана првиот велосипедист што освоил шест етапи во едно издание по Марк Кавендиш во 2009 година. Погачар ја освои последната од своите 11 велосипедски победи годинава на осуметапната трка Критериум ди Дофин во јуни, што е добар показател за формата пред 112-то издание на Тур де Франс. Тој победи во три етапи, освојувајќи ја титулата со 59 секунди предност пред Данецот Јонас Вингегор. Тоа го одведе до вкупно 99 победи (етапи, трки и генерални пласмани) во кариерата, рекорд меѓу активните возачи, по неговиот успех на еднодневните трки Страд Бјанш, Лиеж-Бастон-Лиеж, Ла Флеш Валон и Трката околу Фландрија, како и турнејата низ ОАЕ годинава. Возачот на тимот на ОАЕ Емирати, кој е и актуелен светски првак во друмски трки, ќе биде потпомогнат од силен тим во кој учествува неговиот суперпомошник, Португалецот Жоао Алмеида. Но во текот на 21-та етапа, тој ќе мора да се справи со големите искачувања на Отакам, Мон Венту, Кол де ла Лоз и Ла Плањ. Победата за Погачар ќе биде далеку од сигурна сѐ додека не ја помине целна линија на Елисејските Полиња во Париз, пишува „Би-би-си“.

АРГУМЕНТИ ЗА ПРЕТЕНДЕНТИТЕ

Од оние што се надеваат дека ќе го сопрат Погачар, двократниот шампион Вингегор (28) има најреални шанси. Данецот знае како да го победи Погачар откако триумфира на оваа трка во 2022 и 2023 година. Интензитетот на тоа натпреварување најдобро може да се сумира со статистиката дека, во текот на изминатите четири турнеи заедно, Погачар има вкупно водство од само една минута и 25 секунди пред Вингегор, односно околу една секунда по етапа. Подготовките на Вингегор лани беа погодени од неговиот сериозен пад во Ицулија (Баскија) и, иако доживеа потрес на мозокот по пад на етапата Париз-Ница, се чини ја достигнува формата по второто место зад Погачар на Дофин.
Лани подиумот го комплетираше Ремко Евенепул (25), кој беше трет на своето деби во трката. Двократниот олимписки шампион од Белгија, кој освои златни медали на друмска трка и хронометар на ЛОИ во Париз 2024, ги носи надежите на Судал-Квик Степ по четвртото место на Дофин, но сè уште не ја достигнал најдобрата форма откако претрпе повеќекратни повреди во несреќа за време на еден тренинг во декември. Поранешниот победник на Вуелта заврши со повеќе од четири минути зад Погачар во генералниот пласман.
Словенецот Примож Роглиќ, кој остана разочаран кога неговиот сонародник Погачар му ја одзеде славата на Тур де Франс на претпоследната етапа во 2020, има одлично педигре како петкратен победник на повеќенеделни трки во велосипедизмот (четири титули на Вуелта и една победа на Џиро д’Италија). Но откако ја освои Вуелта, а Каталуња во март, Роглиќ (35) се откажа од Џиро 2025 и останува да се види дали ќе може да закрепне за да се натпреварува со најдобрите. Британскиот тим Инеос Гренадирс ќе биде меѓу оние што се борат за етапна слава, но Британецот Том Пидкок, кој замина во друга екипа, нема да се натпреварува годинава, пишува „Би-би-си“.

ФАКТИ ЗА НАЈПРЕСТИЖНАТА ТРКА

Тур де Франс 2025 нема да прави никакви маршрути надвор од границите на Франција. Ова не се случило од 2020 година. Тркачите ќе посетат 11 региони и 34 департмани. Ќе има 21 етапа, седум рамни, шест ридести, шест планински етапи со пет планински завршници во Отакам, Лушон-Супербањер, Мон Венту, Куршевел Кол де ла Лоз и во Ла Плањ Тарентез, и два хронометра, со два дена за одмор. Ова издание ќе вклучува искачувања и врвови во централниот масив, Пиринеите, Алпите и Јура. Кол де ла Лоз (2.304 м) ќе биде највисоката точка годинава. За првпат искачувањето ќе се одвива преку неговиот источен дел од Куршевел. Пред 39 години во 1986, тоа беше видено последен пат. Вкупното вертикално зголемување ќе биде 52.500 метри. Теренот и наклоните ќе бидат многу различни. Ќе се натпреваруваат вкупно 184 тркачи од 23 тима.
Во минатите пет изданија на Тур де Франс, кој се вози од 1903 година, победија двајца велосипедисти, Погачар (2020, 2021, 2024) и Винегор (2022, 2023). Рекордери со по пет триумфи се: Французинот Жак Анкетил (1957, 1961, 1962, 1963, 1964), Белгиецот Еди Меркс (1969, 1970, 1971, 1972, 1974), Французинот Бернар Ино (1978, 1979, 1981, 1982, 1985) и Шпанецот Мигел Индураин (1991, 1992, 1993, 1994, 1995), а четири има Британецот Крис Фрум (2013, 2015, 2016, 2017). Г.И.


Борба за четири маички

Покрај победите на етапите, возачите и нивните тимови ќе се натпреваруваат и за четири маички. Жолта маичка: лидер во генералниот пласман што ја завршил трката за најкратко време (лани победи Тадеј Погачар). Зелена маичка: лидер во кумулативни бодови освоени во етапите (бодовите што се нудат варираат во зависност од видот на етапата) и средните спринтови (лани победни Бинијам Гирмај). Маичка со точки: крал на планините со кумулативни бодови освоени на категоризирани искачувања (лани победни Ричард Карапаз). Бела маичка: најдобро пласиран млад возач под 26 години (лани победи Ремко Евенепул).