Лабораторијата на ИТФ е дом на голем број роботи што тестираат топчиња и рекети, како и тунел за ветер, кој се користи за тестирање на аеродинамиката на топчињата. Прототипот што ќе им биде претставен на производителите на топки и други заинтересирани страни се одликува со полимерна надворешна обвивка со дупки, за разлика од нормалната обвивка од ткаенина над гуменото јадро, пишува „Би-би-си“
„Нови топчиња, ве молам“ ќе се каже безброј пати откако тенискиот гранслем-турнир Вимблдон ќе почне денеска, но дали наскоро ќе видиме нови, поодржливи топчиња што ќе се користат во тенисот? Светското раководно тело на тенисот истражува концепт што би можел радикално да го промени дизајнот на тениските топчиња и материјалите што се користат за нивна изработка, пишува „Би-би-си“. Меѓународната тениска федерација (ИТФ) разви прототип на топче без покривка од ткаенина, за која се надева дека ќе обезбеди еколошка опција за гумата и филцот во сегашните топчиња. ИТФ проценува дека стотици милиони топчиња се користат во тениските мечеви секоја година, а постојат предизвици со рециклирањето на конвенционалните топчиња поради начинот на кој тие се направени. Така, таа ги истражува потенцијалните опции за нов дизајн, начини за продолжување на животниот век на топчињата и правилата околу промените на топчињата, сето тоа во обид да се справи со прашањето на одржливоста, пишува „Би-би-си“.
НОВ ДИЗАЈН
Формирана е работна група, во која се вклучени ИТФ, производителите и други федерации, посебно за да се разгледа одржливоста во тенисот. ИТФ рече дека тениските топчиња се појавија како главен фокус кога станува збор за опремата. Лабораторијата на ИТФ во Рохамптон, југозападен Лондон, е дом на голем број роботи што тестираат топчиња и рекети, како и тунел за ветер, кој се користи за тестирање на аеродинамиката на топчињата. Прототипот покажан на „Би-би-си“, кој во наредните недели ќе им биде претставен на производителите на топчиња и други заинтересирани страни, се одликува со полимерна надворешна обвивка со дупки, за разлика од нормалната обвивка од ткаенина над гуменото јадро. Оние што се вклучени во неговиот дизајн велат дека уште е во многу рана фаза и дека допрва би можело да има подобро решение, но рекоа дека тоа покажува како ИТФ се обидува да „стимулира иновација во индустријата“ и да биде „проактивна“. Тимот ќе се обиде да го тестира животниот циклус на новиот дизајн наспроти конвенционалната топка. Џејми Кејпел-Дејвис, шеф одделот на ИТФ за наука и за техника, наведе три клучни области за да утврди дали овој дизајн е остварлив.
– Го разгледувавме ова во изминатите неколку месеци. Првиот, најважен, од гледна точка на одржливост е дали тоа всушност е нето-придобивка во однос на поврзаните емисии на ЦО2 од производството и животниот век на топката? Втората работа е дали топката дејствува како обично тениско топче? И третата работа е дали има некои практични работи? Кои се изводливоста, цената, економичноста и слично на овој тип на дизајн – рече тој .
Кејпел-Дејвис вели дека има уште малку да се направи пред да се одлучи дали овој прототип е решението, но тие ќе продолжат да разгледуваат опции.
Дали правилата би можеле да се приспособат?
Се работи и на истражување на потенцијалот за приспособување на правилата околу тоа колку редовно се менуваат топчињата за време на мечевите и се разгледуваат начини за продолжување на животниот век на постојните топчиња.
– Ја разгледуваме можноста можеби да користиме помалку тениски топчиња, така што ја менуваме големината на нарачката што ја прават некои турнири во однос на тениските топчиња и ја разгледуваме фреквенцијата на менување на топчињата во рамките на натпреварите за да бидат потребни помалку топчиња. Втората работа е обидот да се продолжи животот на тениските топчиња – вели тој.
Во моментов промените на топчињата ќе се случуваат на Вимблдон секои седум или девет гејма, во зависност од сетот. Но, на некои турнири на ИТФ може да се прошират на 11 или 13 гејма. Работната група треба да се консултира уште со играчите за овие идеи, но Кејпел-Дејвис се надева дека професионалците и спортот го препознаваат влијанието што може да го имаат.
– Спортот, мислам, има навистина голема улога во однос на одржливоста. Тој може да го искористи својот профил за да се обиде и да ја поттикне одржливоста за да даде пример за другите во оваа област. Затоа сакаме да се обидеме да го искористиме тоа влијание колку што можеме попозитивно – рече тој. Н.М.