ЖФМ Моника Жежовска

ШАХ – МЛАДИНСКО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

Македонските шахисти, вкупно 22, освоија 90 поени од 198 можни на ЕП 2025
Женскиот ФИДЕ-мајстор (ЖФМ) Моника Жежовска е најуспешниот македонски претставник од вкупно 22 (14 момчиња и осум девојчиња) на Европското првенство (ЕП) за младинци (во категориите до осум, 10, 12, 14, 16 и до 18 години) што се одржа во Будва (Црна Гора). По девет одиграни кола, репрезентативката на Македонија (1.995 рејтинг-поени, рангирана 20-та пред почетокот на ЕП) го подели 17.-27. место во категоријата до 18 години, но според дополнителниот критериум е 27., со пет поени (четири победи, две ремија и три порази).
Пет поени кај девојчињата освоија и Илијана Велева (1.650, 52. пред ЕП), која до 12 години го освои 33-то место (нови 36,4 рејтинг-поени со играчки перформанс од 1.736 поени) и Софија Беловска (1.507, 51.), која до 10 години е на 42-то место. Кај момчињата пет поени впишаа во категоријата до осум години Бенјамин Брнс (1.531, 29-ти), кој го освои 33-то место (нови 35,2 рејтинг-поени и играчки перформанс од 1.776 поени), Мајкл Брнс (2.249, 54-ти), кој на турнирот до 16 години е 36-ти (плус 48 рејтинг-поени и перформанс од 2.249 поени) и репрезентативецот, ФМ Антон Златков (2.350, 23-ти), кој во категоријата до 18 години е на 40-то место.
Од сите македонските претставници, најмногу победи, по пет, забележаа Беловска и Велева, најмногу ремија, по пет, Давид Атанасовски (до 14 год), но и нови 54 рејтинг-поени, а ниту едно реми Ина Крумова (до 10 год.), Беловска, Велева и до 14 години Александар Аврамовски. Најмногу рејтинг-поени, 80,4, освои Никола Петровски, во категоријата до 14 години. Нови рејтинг-поени освоија вкупно петнаесетмина, загубија шестмина, а еден остана со истиот рејтинг како почетниот.
Македонските шахисти освоија вкупно 90 поени од 198 можни, најуспешни беа во петтото и во деветото коло, со по 12 поени од 22 можни, а најмалку, 7,5 поени, впишаа во седмото коло. Вкупно шестмина освоија по пет поени, четворица по 4,5, петмина по четири, четворица по 3,5, двајца по три, еден два поена. На ЕП 2025 играа вкупно 1.169 учесници (14 ИМ, две ЖИМ, 89 ФМ, 35 ЖФМ) од 48 држави. Г.И.