Дел од стипендистите на МОК со претседателот Димевски / Фото: МОК
  • Управниот одбор на МОК едногласно донесе одлука за избор и именување на Ѓорѓи Тасев за нов генерален секретар на МОК

Управниот одбор (УО) на Македонскиот олимписки комитет (МОК) ја одржа својата редовна седница, на која едногласно беа донесени низа клучни одлуки за успешно работење и иден развој на олимпизмот, пишува МОК. Во главните точки спаѓаа усвојувањето на извештајот за Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ), именувањето нов менаџерски тим и одобрувањето на новите олимписки стипендии за Летните олимписки игри (ЛОИ) во Лос Анџелес во 2028 година, по што свечено беа потпишани и договорите со стипендистите, пишува МОК на својата интернет-страница.
Во фокусот на седницата беше извештајот за Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) во Скопје, кој беше едногласно усвоен. Претседателот на МОК, Даниел Димевски, рече дека настанот со рекорден број учесници е препознаен од Европските олимписки комитети како настан на највисоко ниво, реализиран од висококвалитетен и посветен тим, беше нагласена исклучителната ефикасност на тимот на МОК, кој успеа да го реализира настанот со буџет што е петпати поефикасно искористен во споредба со слични настани во регионот, пишува МОК. Како признание за успешниот настан и во духот на олимписката солидарност, УО донесе одлука голем дел од спортската и другата опрема набавена за ЕМОФ да им биде дониран на националните спортски федерации и на други институции од јавен интерес, информира МОК. За да се задржи трендот на раст и развој, УО едногласно донесе одлука за избор и именување на Ѓорѓи Тасев за нов генерален секретар на МОК. Тој во своето обраќање најави визија за модерна, транспарентна и дигитализирана канцеларија и изрази благодарност за укажаната доверба. Претседателот Димевски истакна дека е неопходна нова енергија од млади луѓе. Во тој контекст, едногласно беа избрани и Петар Спасеновски, раководител на секторот спорт, Елена Зисовска Апостолска, шефица на кабинет, Александар Богоевски, директор на СЦ „Јане Сандански“, Сашо Димитријоски, член на УО, и Дејан Митровски, комесар за безбедност, пишува МОК.
МОК и претседателот Димевски изразија огромна благодарност до досегашниот генерален секретар Сашо Поповски и досегашниот спортски директор Владимир Богоевски, за нивниот непроценлив придонес во издигнувањето на МОК во изминатите години. Како што беше нагласено на седницата, двајцата ќе останат во рамките на МОК, каде што ќе продолжат да придонесуваат со своето знаење и искуство. Поповски ќе биде одговорен за комуникација со меѓународните организации, а Богоевски ќе му биде советник за спортски прашања на претседателот Димевски, пишува МОК.
Меѓу другите одлуки, УО едногласно ги усвои и предлозите за новите олимписки стипендии за ЛОИ 2028. Одобрени беа девет стипендии, со вкупен месечен износ од 9.000 долари, кои ќе им се исплаќаат директно на спортистите. По завршувањето на седницата, свечено беа потпишани договорите со стипендистите. Дополнително, се разговараше и за проектот за поставување фотоволтаични панели на Олимпискиот дом и за потребата од усогласување на правилниците на националните спортски федерации со законот, со посебен акцент на автономијата на спортските организации. Седницата ги потврди успешните резултати од изминатиот период и постави јасни насоки за иден раст и модернизација на Олимпискиот комитет (ОК), информираат од МОК. Г.И.


Стипендисти за ЛОИ 2028

СПОРТИСТ СПОРТ ДОЛАРИ
Дејан Георгиевски таеквондо 1.600
Мила Рељиќ таеквондо 1.600
Дарио Ивановски атлетика 1.200
Ангел Петрушев кајак 1.200
Анастасија Мојсовска стрелаштво 800
Магомедгаџи Нуров борење 800
Владимир Егоров борење 800
Душица Бреслиева таеквондо 600
Никола Ѓуретановиќ пливање 400

Извор: МОК