Фото: КФМ

КАРАТЕ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО КАИРО

  • Ова е само еден доказ дека светските првенства се многу силни натпреварувања, но од друга страна не и недостижни, рече селекторот Кузмановски

Ангела Мојсовска (категорија до 68 кг) загуби во осминафиналето, а Фахик Весели (до 60 кг) не обезбеди понатамошен настап на Светското првенство (СП) во Каиро (Египет). Мојсовска загуби од Чилеанката Анастасија Велозо (2-8), а претходно беше втора во групата, откако ги победи Скајлар Лингл (3-2) од САД и Елина Сиелиемиениева (5-4) од Украина и загуби од Хадир Хенди (0-10) од Египет. Весели во групата осум загуби од Сивакон Муектонг од Тајланд (0-1), од Хироми Хашимото (2-7) од Јапонија и од Мухамед Ајат (0-2) од Тунис.
– Мојсовска помина во групната фаза со две победи, но не успеа да го потисне притисокот од борбата во фазата на елиминации на 16 учеснички. Ова е само еден доказ дека светските првенства се многу силни натпреварувања, но од друга страна не и недостижни и дека може да се освојат медали, но со голема борбеност и упорност. Следуваат натпреварите во Серија А, Премиер-лигата, како и на Европското првенство во 2026 година. Во групата на Весели беа најдобрите каратисти во светот во оваа категорија и нема простор за грешка. Во првиот меч, Весели имаше неколку шанси за поен, сепак не го казни противникот и загуби со 0-1 во последната секунда, што се покажа како решавачко, оти од групата понатаму одеа само првите двајца, а тоа беа претставникот на Тајланд, кој беше прв на Првенството на Азија, и јапонскиот каратист, кој е прв на светската ранг-листа. Ова беше тешка група, ама не може да сме на Светско првенство, а да не се надеваме на позитивен резултат – вели македонскиот селектор Александар Кузмановски.
Во Каиро настапија вкупно 384 каратисти од 88 држави. Г.И.