Глобалниот шаховски фестивал е посебно искуство за мене секоја година, вели Јудит Полгар, основачка и главна организаторка на Глобалниот шаховски фестивал, на чие 11. издание посетителите ќе можат да го пробаат и првиот шаховски робот во светот со вештачка интелигенција, ќе се игра турнир во т.н. Рубиков шах…
„Шахот не е само спорт туку начин на размислување, креативна авантура и споделено искуство“. Ова е пораката што повторно ја пренесува Глобалниот шаховски фестивал на Јудит Полгар, кој ќе ги пречека посетителите по единаесетти пат на 30 септември, во импресивните сали на Националната галерија на Унгарија. На овој голем целодневен настан, илјадници посетители ќе имаат можност да се сретнат со светски познатите шаховски сестри Полгар, додека ги откриваат многуте лица на шахот.
Најважниот дел од фестивалот годинава е Рубиковиот шах (RubikChess), единствена тимска игра со мешани двојки што ги комбинира стратешките елементи на шахот со логичките предизвици на Рубиковата коцка, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
– Глобалниот шаховски фестивал е посебно искуство за мене секоја година. Годинава особено се радувам на симултанката со заедниците, каде што ќе играм истовремено на шест табли, секоја против различна заедница. Ќе има шпански и унгарски тимови, поранешен светски шампион во шах-бокс, а најголемите шаховски платформи во светот исто така ќе се приклучат во играта. Посетителите ќе можат да го пробаат и првиот шаховски робот во светот со вештачка интелигенција, додека театарската група „Моментан“ ќе ја вклучи публиката во интерактивни игри за импровизација. Верувам дека играњето и размислувањето заедно се инспиративни, а оваа инспирација е она што сакаме да го споделиме во секој момент од фестивалот – рече најсилната шахистка во историјата Јудит Полгар, основачка и главна организаторка на Глобалниот шаховски фестивал, пренесе ФИДЕ.
Фестивалот во Будимпешта ќе биде домаќин и на турнирот во т.н. Рубиков шах, со учество на 50 екипи, а составот брзо се пополнува по објавувањето на настанот. Во ова натпреварување со специјален формат, еден член од мешаната двојка игра на шаховската табла, додека партнерот решава Рубикова коцка, а нивното решение директно влијае на развојот на шаховскиот меч. Како и секоја година, фестивалот ветува многу нови искуства, возбудливи средби и незаборавни моменти, без разлика дали станува збор за почетници, амбициозни мајстори, деца или возрасни, пишува Светската шаховска федерација. Г.И.