СПОРТОТ ВО 2026 ГОДИНА

Следуваат најголемите ЗОИ и фудбалско СП досега, повеќе учесници во ракометната ЛШ, видоизменети Формула 1 и олстар-меч во НБА-лигата, нови натпреварувања во фудбал, атлетика, скијачки скокови…, а почнуваат и квалификациите за ЛОИ 2028

Спортската 2026 година ќе биде година на иновации на многу полиња, ќе има нови спортски настани, некои од постојните ќе претрпат натпреварувачки измени, други во правилата, трети во бројноста…, а во некои спортови натпреварувачите ќе имаат шанса и за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2028 година, во Лос Анџелес.

  • На глобален план, на пример, на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и во Кортина д`Ампецо, олимпиското семејство ќе биде побогато за нов спорт, скијачко планинарење, со што ќе има рекорден број спортови на ЗОИ, осум, и најмногу натпреварувања за медали, 116, а се очекува и рекорден број земји учеснички. В година едни ЗОИ првпат ќе имаат два града домаќини…
  • Во фудбалот, во летните месеци на програмата е Светското првенство (СП) за мажи, кое првпат ќе се игра во три земји, во САД, Мексико и во Канада (две земји беа домаќини на СО 2002, Јужна Кореја и Јапонија), и на кое првпат ќе настапат 48 репрезентации (досега играа по 32). Мексико ќе стане прва земја што трипати била домаќин на фудбалско СП (претходно во 1970 и во 1986 година). Светската фудбалска федерација (ФИФА) најави рекорден награден фонд од 727 милиони долари. Новитет ќе биде и тоа што фудбалерите на СП ќе имаат задолжителни триминутни паузи за хидратација во секое полувреме на натпреварите, објави ФИФА. Македонија вторпат ќе игра во плејофот за пласман на своето прво светско првенство (на 26 март на гости со Данска, а победникот на 31 март ќе игра на гости со победникот на средбата Чешка – Република Ирска). Светската фудбалска федерација во 2026 година ќе го одржи и првиот клупски Куп на шампиони за жени, на кое ќе играат победниците на континенталните клупски натпреварувања (финалето е предвидено за 1 февруари во Лондон). ФИФА тестира и нова технологија, која може да утврди дали топката излегла надвор од игра пред да биде постигнат гол, а друга за да ги направи процените за офсајди побрзи и појасни.
  • Клупските ракометни натпреварувања во Европа ќе претрпат промена, откако Европската ракометна федерација (ЕХФ) најави нов формат на Лигата на шампионите за ракометари, која ќе се прошири на 24 екипи (сега играат 16), а од сезоната 2026/2027 ќе се воспостави нов формат и за Лигата на шампионите и за Европската лига (ќе настапат 32 тима). На репрезентативен план, Европската ракометна федерација ќе воведе иновативна нова технологија од полуфиналето на ЕП 2026, систем од камери што ќе ги носат судиите, што овозможува поглед од прво лице од перспектива на судиите. На тој шампионат, Македонија осми пат во низа ќе настапи на европските првенства, а деветти пат вкупно.
    l Во одбојката, европските првенства (ЕП) првпат по 68 години ќе се играат во парни години. Македонија, која беше еден од четирите домаќини на претходното континентално првенство, во 2023 година, четврти пат во низа ќе настапи на европските шампионати (во група е со Бугарија, Израел, Полска, Португалија и со Украина). Новиот европски првак ќе обезбеди место на Летните олимписки игри во 2028 година.
  • Формула 1 ќе претрпи големи измени на болидите, почнува нова ера на автомобили, техничките прописи ќе бидат целосно ревидирани, што ќе доведе до големи промени во погонската единица, шасијата и во правилата за аеродинамиката. Првпат по 10 години во шампионатот ќе настапат 11 тима, Мадрид ќе дебитира во календарот…
  • Во скијачките скокови во 2026 година првпат ќе има новогодишна турнеја „Четири скокалници“ за жени, кои досега настапуваа на настан со име „Две ноќи“. Кај мажите на ред ќе биде јубилејното, 75-то издание на тоа престижно натпреварување.
  • Светската атлетика (СА) воведе ново натпреварување, Светско ултимативно првенство, кое ќе дебитира во Будимпешта, од 11 до 13 септември, како нов биенален настан на кој ќе учествуваат врвни атлетичари, светски и олимписки шампиони, победници на Дијамантската лига и водечките атлетичари во годината. Итн. Н.М.

Спортските настани не паузираат

Спортската понуда ќе биде голема и во текот на првите денови во 2026 година, во десетина спорта. Атлетичарите, на пример, ќе настапуваат на маратони низ светот и на 31 декември и на 1 јануари, во фудбалот секој ден до недела ќе има мечеви во четири од петте најсилни првенства во Европа (Англија, Шпанија, Италија и Франција), а од 3 јануари ќе почне осминафиналето на Првенството на Африка, во Мароко. Тенисерите почнуваат на 2 јануари со Јунајтед-купот во Австралија, како подготовка за првиот гранслем-турнир во годината, Австралија опен. Од зимските спортови, во тек е Новогодишната турнеја во скијачки скокови, која ќе продолжи со натпревари на 1, 4 и на 6 јануари (Гармиш Партенкирхен, Инсбрук и Бишофсхофен)), а во Светскиот куп во алпско скијање ќе се одржат слалом и велеслалом на 3 и на 4 јануари во Крањска Гора (Словенија), за скијачки. На 2 јануари е 17. Зимски класик на хокеарската НХЛ-лига (меч на отворено), во Мајами. Во кошарката, мечеви во НБА-лигата има секој ден, а во Евролигата на 2 јануари ќе се комплетира 19. коло. Традиционалното рели „Дакар“ ќе почне на 2 јануари, во Саудиска Арабија. На 10 јануари почнува Европското првенство во ватерполо, во Србија, за мажи, а истиот ден е Светското првенство во крос-кантри, во САД. Ракометарите од 15 јануари ќе настапуваат на Европското првенство во Данска, Норвешка и во Шведска… Н.М.