ШАХ – ПРВ КУП „СРЕДБА НА ГЕНЕРАЦИИТЕ“
Комисијата во состав ВМ Драгољуб Јаќимовиќ, ФМ Јани Богоевски и МК Илија Стошевски ќе прогласи најубава партија на двомечот, која ќе биде наградена
Шаховскиот клуб на ветерните Скопје 72, на големо задоволство на сите шаховски ветерани, информира дека сите подготовки за долго планираниот пријателски двомеч помеѓу екипата на младите надежи на ШК Алкалоид (до 16 години) и екипата на ШКВ Скопје 72 се завршени и ќе се одржи в недела со почеток во 10 часот, во просториите на „Еснаф“ во Скопје, а во организација на ШКВ Скопје 72. Темпото на игра изнесува 60 минути плус 30 секунди за цела партија по играч. Бројот на играчи по екипа е шест, со три резерви, а ќе се играат две кола. Во првото коло домаќинот ќе ги има белите фигури на прва табла, во второто коло може да се заменат до три шахисти.
Капитен на тимот на ветераните ќе биде ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Љубомир Хаџи-Манев, а на тимот на младите надежи на ШК Алкалоид, велемајсторот (ВМ) Драгољуб Јаќимовиќ. Комисија во состав ВМ Драгољуб Јаќимовиќ, ФМ Јани Богоевски и МК Илија Стошевски ќе прогласи најубава партија на двомечот, која ќе биде наградена.
– Победничката екипа ќе добие преоден пехар со цел да се воспостави една убава традиција. На пехарот ќе се гравираат името на тимот, неговите членови и селекторот на тимот. Според последните информации, Алкалоид ќе го предводат младите надежи Кирил Николовски и репрезентативката Моника Жежовска, со што се очекува интересен и неизвесен двомеч, посебно што и ние нема да настапиме во најсилен состав, без двајца ФМ. Лани ваков натпревар по иницијатива на младите шахисти на ШК Гамбит Асеко СЕЕ, исто така, беше одигран. Целта на овие мечеви е да се провери каква е моментната форма на идните македонски шаховски надежи, до каде е нивниот напредок, искуството, по отпорот што ќе им го пружат агилните ветерани со нивната игра… Се надевам дека ваквите мечеви во иднина ќе станат пракса и со други македонски клубови – вели претседателот на ШКВ Скопје 1972, Илија Стошевски. Г.И.