ШАХ
Во најсилната конкуренција (за играчи до 20 години) победи членот на ШК Алкалоид, петнаесетгодишниот Никола Радоњанин
Изминатиов викенд во Куманово се одржа младински шаховски турнир, кој во најсилната конкуренција (за играчи до 20 години), го освои членот на ШК Алкалоид, петнаесетгодишниот Никола Радоњанин. Во оваа конкуренција се одиграа седум кола, а имаше 37 учесници, при што Радоњанин беше трет според почетниот рејтинг, но со пет победи во низа, како и со две ремија заврши непоразен и со шест поени од седум можни го освои победничкиот пехар.
Притоа тој освои нови 63 рејтинг-поени, а неговиот клупски колега Стефан Мелник, исто така, остана непоразен, но имаше едно реми повеќе и со 5,5 поени се најде на третото место. На турнирот за играчи до 10 години славеше Давид Атанасовски, исто така, дел од младинската школа на нашиот најтрофеен шаховски колектив, освојувајќи шест од седум можни поени, информираат од ШК Алкалоид.
Ова не се единствените успеси, бидејќи минатата седмица Кирил Николовски од ШК Мулти Есенс го освои второто место со 5,5 поени од седум партии на меѓународниот младински турнир „Квалитет“, во Скопје. Првото место на овој турнир со шест поени, му припадна на ФМ Антон Златков.
Претходно, со три први и со две втори места, учениците на најдобрите македонски велемајстори доминираа на екипните државни првенства за млади. За одбележување е фактот дека во категоријата играчи до 18 години, на првата табла ШК Алкалоид ја имаше Моника Жежовска, која во моментов е најперспективната јуниорка во македонскиот шах. Благодарение на репрезентативните настапи во 2024 година, таа ја освои титулата женски ФИДЕ-мајстор (ЖФМ) и играше на првата табла за екипата, во рамноправна конкуренција со момчињата, на ова Младинско екипно првенство, велат од ШК Алкалоид. Г.И.