МЕЃУНАРОДЕН ЏУДО-ТУРНИР „МИОКИ ОПЕН 2025“

  • Специјални награди за освоените медали на европските купови во 2025 година од клубот Миоки добија Ива Богдановска и Емилија Паскоска

Џудо-клубот Миоки од Скопје со седум златни, три сребрени и 10 бронзени медали освои пехар за најуспешен клуб во возрасната категорија до 15 години и пехар за вкупен победник на традиционалниот меѓународен турнир „Миоки опен 2005“ во категориите до 13, 15 и до 18 години, на кој годинава настапија 367 џудисти од 41 клуб од 10 земји.
Со злато од клубот Миоки се закитија: Алексеј Јовановски (категорија до 21 кг), Тео Албановски (до 24 кг), Демир Друштинац (до 27 кг), Марко Лука Ангелов (до 50 кг), сите во категоријата до 13 години, Емилија Паскоска (до 44 кг, до 15 години), Виктор Трчков (до 60 кг, до 13 години) и Емилија Паскоска (до 44 кг, до 18 години).
– Уште едно издание на меѓународниот турнир „Миоки опен 2025“, прекрасна спортска атмосфера и одлични џудо-борби. Благодарност до сите што го поддржаа настанот и придонесоа во организацијата. Благодарност до почесниот претседател на клубот проф. д-р Жарко Костовски, кој на свеченото отворање ги додели наградите на најуспешните наши џудисти. Благодарност до Општина Кисела Вода и до градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајковска, која го прогласи турнирот за отворен – информираат од клубот Миоки.
Специјални награди за освоените медали на европските купови во 2025 година, од клубот Миоки, добија Ива Богдановска, која се закити со бронзен медал (до 21 год.) во Скопје и Емилија Паскоска, која освои две бронзи (до 15 год.) во Сараево (БиХ) и во Ѓер (Унгарија). Г.И.