Џудистите на Миоки се закитија со по четири злата и сребра и три бронзи.2 На турнирот настапија 539 џудисти од Чешка, Србија, Македонија, Романија, Унгарија, Украина, БиХ и од Хрватска
Џудистите на скопскиот клуб Миоки, под водство на искусниот тренер Игор Паскоски постигнаа забележителен успех на меѓународниот турнир „Опен Хигл“, кој се одржа викендов во хрватскиот град Винковци, освојувајќи вкупно 11 медали, од кои по четири злата и сребра и три бронзи.
Со злато се закитија Емилија Паскоска (возрасни категории до 12 и до 14 години), Хамида Друштинац (до 14 години) и Ива Богдановска (до 16 години), сите во борби.
Сребро освоија Георгина Блажеска (до 16 и 18 години), Ива Богдановска (до 18) и Азра Заими (до 23), а бронзени медали освоија Петар Давчев (до 14), Азра Заими (до 18) и Кристијан Цветковиќ (до 23).
Емилија Паскоска беше прогласена за најуспешен натпреварувач на турнирот во возрасната група до 12 години. На турнирот настапија 539 натпреварувачи од Чешка, Србија, Македонија, Романија, Унгарија, Украина, БиХ и од Хрватска.
Ова беше последниот од низата натпревари за ЏК Миоки пред одржувањето на престижниот куп „Миоки опен“, предвиден за 6 ноември во Скопје. Г.И.