ЏУДО – ПРВЕНСТВА НА МАКЕДОНИЈА

Скопскиот џудо-клуб Миоки беше убедливо најуспешен на Првенството на Македонија за сениори, со освоени 11 медали, од кои пет златни и по три сребрени и бронзени. Предводени од тренерот Игор Паскоски, шампиони на Македонија станаа Хамида Друштинац (категорија до 48 кг), Азра Заими (до 63 кг), Ива Богдановска (до 78 кг), Борјана Поп-Атанасова (над 78 кг) и Филип Богески (до 66 кг), вицепрваци се Марко Панчевски (до 66 кг), Георгина Блажеска (до 52 кг) и Рина Идризи (до 63 кг), а бронзи освоија Петар Давчев (до 73 кг), Теона Георгиевска (до 48 кг) и Михаела Здравковска (до 57 кг). На првенството за помлади кадети (до 16 години) Миоки настапи со седум џудисти и освои по две злата и сребра и три бронзи. Злато освоија Емилија Паскоска (до 48 кг) и Тома Винокиќ (до 73 кг), сребро Нина Панчевска (до 48 кг) и Филип Митревски (до 66 кг), а бронзи Ада Едип (до 52 кг), Синем Хасан Озгун (до 52 кг) и Виктор Трчков (до 66 кг), информираат од ЏК Миоки.
– Првенствата во овие конкуренции се одржаа во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје, во организација на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ). Првенствата свечено ги отвори претставникот од Министерството за спорт Илија Ристески, во присуство на претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски, генералниот секретар Благоја Гешоски и потпретседателот Миодраг Стојановиќ. Се одржа и ревијална борба во која учествуваше џудистот Кристијан Стојкоски-Кико и се закити со златен медал. Настанот помина во одлична атмосфера, со голем број натпреварувачи и љубители на спортот, потврдувајќи го значењето на ваквите првенства за развојот и за унапредувањето на спортот во Македонија – велат од ЏФМ. Г.И.