Ефтимов и Рељиќ со медалот од Полска

ТАЕКВОНДО – ОПЕН Г1-ТУРНИР ВО ВАРШАВА

  • Овој успех на Рељиќ ѝ донесе нови 3,6 поени во собирањето поени за настап на Летните олимписки игри во Лос Анџелес во 2028 година, вели тренерот Ефтимов

Најдобрата македонска таеквондистка, членка на клубот Тигар од Скопје и учесничка на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз во 2024 година, Милијана Рељиќ постигна голем успех освојувајќи ги третото место и бронзениот медал на Опен Г1-турнирот во Варшава (Полска).

Предводена од тренерот Александар Ефтимов, Рељиќ до бронзениот медал на Опен Г1-турнирот во Варшава стигна откако во првото коло ја победи Австријката Аида Митровиќ со 2-0 во рунди. Во четврт-финалето во неизвесна борба, таа беше поуспешна од Хелена Кичема од Хрватска со 2-1 во рунди. Решавачка беше третата рунда, која Рељиќ ја доби минимално, со 7-6. Во меѓусебните пресметки со неа, македонската репрезентативка има резултат 4-1 во победи. Во полуфиналната борба Рељиќ беше поразена со 0-2 во рунди од Петра Столбова од Словачка.

– Овој успех на Рељиќ ѝ донесе нови 3,6 поени во собирањето поени за настап на Летните олимписки игри во Лос Анџелес во 2028 година. Следни турнири што се предвидени за настап на македонската таеквондистка се во Албанија и во Црна Гора, пред најважниот турнир годинава, а тоа е Светското првенство во Кина, во октомври, каде што ветуваме медал – изјави Ефтимов. Г.И.