Ако имаме можност, зошто да не размислуваме и за фајналфор во Европската златна лига, но да одиме чекор по чекор, вели македонскиот репрезентативец Милев
ОДБОЈКА
Имаме спој на младост и искуство и преку Европската златна лига треба да ја темпираме формата за квалификациите за Европското првенство во август. Тука сме за да одиграме квалитетни натпревари, да се надигруваме, да оствариме и некаков резултат. Имаме доволно време, простор, услови да се подготвиме што е можно подобро и годинава да имаме успешен настап во Европската златна лига, ако е можно да направиме и чекор погоре и што поподготвени да ги дочекаме квалификациите. Ако имаме можност, зошто да не размислуваме и за фајналфор во Европската златна лига, но да одиме чекор по чекор, изјави Владо Милев, кој како играч со најдолг репрезентативен стаж и најголемо искуство, ќе биде еден од репрезентативците што ќе понесе голем товар, не само во претстојните натпревари од Европската златна лига туку и за квалификациите во август за пласман на Европското првенство, пренесе Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Во мирна и работна атмосфера веќе неколку дена течат подготовките во Струмица на машката одбојкарска репрезентација на Македонија. Селекторот Јошко Миленкоски и стручниот штаб без проблеми ја реализираат предвидената програма за оваа фаза од темпирањето на формата за учеството во Европската златна лига. Македонските репрезентативци ќе ја одработат првата фаза од подготовките во Струмица, а потоа патуваат во Марибор (Словенија), каде што викендов треба да одиграат две пријателски средби со селекцијата на Хрватска, информира ОФМ. Г.И.