Императивот, сепак, ќе биде со победа да ги израдуваме љубителите на одбојката и, секако, семејството Хаџииљоски, кое многу години е организатор на овој турнир и се труди да биде помош и поддршка за националниот тим, што е од огромно значење за нас и многу сме благодарни, рече селекторот Миленкоски, пренесе ОФМ
ОДБОЈКА – 49. ТУРНИР „БРАНКО ХАЏИИЉОСКИ-ЧАЈКА“
Во тек е 49-от меѓународниот меморијален турнир „Бранко Хаџииљоски-Чајка“, во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, на кој играат репрезентациите на Македонија, Бугарија и на Швајцарија. Резултатот на овој престижен турнир секако не е приоритет, туку темпирањето на формата за квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2026 година.
– Задоволството е големо, не знам по кој пат учествувам на овој турнир во рамките на подготовките на репрезентацијата, одново како дел од подготовките за квалификациите и обидот четврти пат во низа да стигнеме на едно европско првенство. Учеството на овој турнир ќе ни помогне да ја постигнеме нашата препознатлива форма токму пред клучните дуели со Грција и со Грузија, на кои ќе се одлучува пласманот на ЕП. Очекуваме целокупната јавност да ни даде поддршка во овие наши напори да бидеме победници на овој турнир. Во моментов можеби резултатот не е приоритет, туку повеќе е во функција за подготовка за дуелите со Грција и со Грузија, за во тој момент да бидеме во најдобрата форма. Императивот, сепак, ќе биде со победа да ги израдуваме љубителите на одбојката и, секако, семејството Хаџииљоски, кое многу години е организатор на овој турнир и се труди да биде помош и поддршка за националниот тим, што е од огромно значење за нас и многу сме благодарни – рече селекторот Јошко Миленкоски, пренесе Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Македонија во квалификациите за Европското првенство во 2026 година ќе игра со Грција на 13 август на гости и со Грузија четири дена подоцна дома. Во групата Ф, по првите две кола, одиграни лани, Грција има шест бода, Македонија три, а Грузија е без бодови. На континенталното првенство ќе настапат победниците на седумте квалификациски групи и петте најдобри репрезентации меѓу второпласираните. Г.И.