Потребно е во последниот дуел со Грузија, Македонија да загуби што помалку поени во сетовите и да запише сигурна победа во три сета, а потоа да го чека и конечниот исход од натпреварите во другите групи
ОДБОЈКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2026
Машката сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија утре, во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје (20 часот, влезот е слободен), ја пречекува Грузија во последниот натпревар од квалификациите за Европското првенство (ЕП) 2026 во Финска, Италија, Романија и во Бугарија. Мечот со Грузијците ќе одлучи дали Македонија ќе се најде на четвртото континентално натпреварување во низа по она во 2019, 2021 и 2023 година, додека Грузија не учествувала на ниту едно ЕП.
Одбојкарите не успеаја да освојат сет на гостувањето во Грција и со тоа да си ја олеснат задачата во финишот на циклусот, па сега ќе мора по потешкиот пат да стигнат до ЕП 2026, со максимална победа над Грузија во Скопје и со што поголема поен-разлика. Стратегот на Македонија, Јошко Миленкоски, верува дека репрезентацијата со поддршка од домашната публика може да ја исполни посакуваната цел.
– Натпреварот со Грција го оставаме зад нас. Игравме против моќна репрезентација составена од квалитетни играчи. Во поголемиот дел од натпреварот тоа го докажаа на теренот иако и ние имавме добри моменти, особено во третиот сет, кога стигнавме и до две сет-топки, но не ги реализиравме. Со тој сет или без него, секако дека мораме да ја победиме Грузија со максимален резултат во Скопје. Освоивме голем број поени против Грција што ни дава за право да се надеваме на успех во овие квалификации. Погледите сега се насочени кон дуелот со Грузија, на кој сме комплетно фокусирани. Очекуваме полна сала и поддршка од љубителите на одбојката, со чија помош ќе дојдеме до посакуваниот резултат и ќе обезбедиме уште едно учество на ЕП – уверен е Миленкоски, пренесе ОФМ.
По комплетирањето на претпоследното коло, Македонија е во битка со Австрија и Норвешка за посакуваниот настап на ЕП, со поголема поен-разлика од конкурентите. Токму затоа е потребно во последниот дуел со Грузија, да загуби што помалку поени во сетовите и да запише сигурна победа во три сета, а потоа да го чека и конечниот исход од натпреварите во другите групи.
Да потсетиме дека македонските одбојкари на најдобар можен начин ги започнаа квалификациите за пласман на ЕП 2026. На првиот натпревар во групата Ф, Македонија убедливо во три сета (25-12, 25-14, 25-18) ја надигра Грузија на гости во Тбилиси. Тогаш одлично одиграа Александар Љафтов, кој впиша 14 поени, капитенот Никола Ѓоргиев со 12, Филип Савовски со 11 поени… Грузија на тој меч успеа да освои само 44 поени. Г.И.
ГРУПА Ф
Македонија – Грузија утре, 20 ч.
ТАБЕЛА
Грција 4 4 0 12-1 12
Македонија 3 1 2 4-6 3
Грузија 3 0 3 0-9 0