Фото: ОФМ

ОДБОЈКА – ВО ПРЕСРЕТ НА ЕВРОПСКАТА ЗЛАТНА ЛИГА

Малку пријателски натпревари се играа периодов, но имаме некои информации и работиме според нив. Нормално, прво се фокусираме на Финска со оглед на тоа дека со неа го отвораме натпреварувањето, вели селекторот Миленкоски

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија влезе во финалната фаза од подготовките за настап во Европската златна лига, која за црвено-жолтите почнува викендов во Братислава (Словачка), каде што ќе се одржи првиот турнир. Сега акцентот е ставен на видеоанализи и тактичко-техничка подготовка за првите два натпревара. Сите 15 репрезентативци што ги има на располагање селекторот Јошко Миленкоски се здрави, засега нема проблеми, а желбите се така да биде и во следните три недели, велат од Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).

– По две недели напорна работа викендов им дадов два слободни дена на играчите и од понеделникот се вративме во Струмица, каде што продолжуваме со подготовките. Влегуваме во онаа популарно наречена финална фаза. Почнавме со видеоанализа на противниците и тактичка подготовка. Малку пријателски натпревари се играа периодов, но имаме некои информации и работиме според нив. Нормално, прво се фокусираме на Финска со оглед на тоа дека со неа го отвораме натпреварувањето. Најважно во моментов е дека сите се здрави, расположени за работа и дека сѐ тече според планот. Се надевам дека така ќе биде и во следните три недели – вели Миленкоски.

Репрезентацијата в сабота го игра првиот натпревар, со Финска (од 15 часот), и вториот натпревар, в недела, го игра во истиот термин, со домаќинот Словачка. Г.И.