Фото: „Нова Македонија“

ОДБОЈКА – ПО ЗАВРШУВАЊЕТО НА ЕВРОПСКАТА ЗЛАТНА ЛИГА

Резултатски тоа е најдобриот пласман. За разлика од претходните години, сега учествуваа репрезентации што беа дел од последното ЕП, што ми дава за право да кажам дека беше ЕП во мало, вели селекторот Миленкоски. Црвено-жолтите остварија две победи и се пласираа на деветтото место

Нов успешен настап на македонската одбојкарска репрезентација во Европската златна лига. Трето издание во низа, но, гледано резултатски, тоа е најдобриот пласман. За разлика од претходните години, сега учествуваа репрезентации што беа дел од последното Европско првенство (ЕП), што ми дава за право да кажам дека беше ЕП во мало. Зад себе оставивме репрезентации со повисок рејтинг, како Летонија, Хрватска и Црна Гора, игравме со трите најдобри од регуларниот дел, Израел, Грција и Финска, кои заедно со Чешка ќе се борат за медали на фајнлфор-турнирот. Одигравме шест натпревари и во секој имавме добри моменти, изјави селекторот Јошко Миленкоски, пренесе Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).

Црвено-жолтите остварија две победи и се пласираа на деветтото место. Играчите и стручниот штаб се едногласни во ставот дека мисијата „Златна лига“ може да се оцени како успешна и покрај подмладениот лик на националниот тим и отсуството на дел од стартерите поради повреди, пишува ОФМ.
– Можеби во оваа акција одеднаш вклучивме повеќе млади одбојкари, кои имаат од 17 до 22 години, а некои од нив првпат почувствуваа како е на терен и како е да се бранат националните бои. Но, кога ако не сега. Сега беше вистинскиот момент и сите сме свесни за бенефициите што може да ги добиеме од овој потег. За мене како селектор, сите од прв до последен ја оправдаа укажаната доверба. Поминавме четириесетина дена во напорна работа, со голема дисциплина, прекрасна атмосфера и буквално уживавме во секој момент. Искусните играчи којзнае по кој пат ги покажаа верноста и љубовта кон националниот дрес и како се бранат боите на државата.

Помладите покажаа дел од своите квалитети, а верувам дека уште повеќе ќе напредуваат и ќе растат со напорна работа и со редовен тренажен процес. Мислам дека сме на вистинскиот пат, им дадовме насоки на играчите, а сега сето тоа треба да се следи и да се спроведува. Во овој процес клучна улога ќе играат тренерите и клубовите за кои настапуваат. Во стручниот штаб на репрезентацијата има млади и перспективни тренери, кои се иднината на нашиот спорт. Сите заедно сме дел од еден процес во кој треба да се покажат верба и константност и кој сигурен сум дека ќе ни донесе добри резултати во блиска иднина – рече Миленкоски.

Македонскиот селектор им се заблагодари и на сите оние што ѝ дадоа безрезервна поддршка на репрезентацијата во изминатиот период.
– Знам дека веќе Федерацијата се заблагодари преку социјалните мрежи, но би сакал од мое име, од името на стручниот штаб и на играчите да се заблагодарам за широкото гостопримство на хотелот „Горан Пандев“ и на самиот Пандев, кој ни беше голема поддршка, особено на последниот турнир во Струмица. Секако, струмичката публика секогаш е на трибините кога националниот тим игра во салата „Парк“, а така беше и сега. Поддршката од трибините значеше многу во постигнувањето на успехот во овој настап во Европската златна лига – вели Миленкоски. Г.И.