Оваа репрезентација е за респект поради сето она што го постигна, вели селекторот Миленкоски
ОДБОЈКА
На третото враќање на клупата на машката сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија, селекторот Јошко Миленкоски одново ја предводи генерацијата до уште едно големо натпреварување, Европското првенство (ЕП) во 2026 година во Финска, Италија, Романија и во Бугарија. По три месеци напорна работа, Миленкоски, неговиот стручен штаб и репрезентативците се радуваат на постигнатиот успех.
– Поминавме едно тешко долго лето преку Европската златна лига до квалификациите и одлучувачкиот меч со Грузија за пласман на Европското првенство. Уште едно големо достигнување за македонската репрезентативна одбојка. Дуелот со Грузија носеше повеќе психолошка тежина и притисок за да се дојде до победа во три сета. Честитките за овој успех одат на сметка на сите и на стручниот штаб, кој претходно ја водеше селекцијата и сега на нас, и одбојкарите како главни актери што го понесоа товарот. Овозможивме уште една радост на македонската спортска јавност, особено на одбојкарските вљубеници. Македонија заслужено е на ЕП 2026. Прво да уживаме и да го прославиме овој успех, да видиме што ќе ни донесе ждрепката во Бари, а потоа ќе почнеме со подготовките за новото големо натпреварување – вели Миленкоски, пренесе Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Четвртото ЕП во низа Македонија ќе го пречека со промена на генерацијата, но стратегот не смета дека тоа ќе претставува проблем.
– Репрезентацијата е комбинација на искуство и младост. Имаме (по)возрасни играчи што играат и понатаму на високо ново, затоа што со искуството доаѓа и квалитетот, и за нас годините не се важни. Летово и во Златната лига им дадовме шанса на младите играчи, која за мене искрено беше поголем предизвик со оглед на квалитетот на ривалите со кои се соочивме. Оваа репрезентација е за респект поради сето она што го постигна. Факт е дека нѐ чека подмладување, но и долг период на подготовки со многу работа и многу анализи, каде што ќе мора сите да го дадеме максимумот. Реков, ова ЕП е заслужено и се надевам дека повторно ќе имаме добар резултат – рече Миленкоски. Г.И.
Во октомври ќе биде влечена ждрепката на групите за ЕП 2026
Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) информира дека на 4 октомври во италијанскиот град Бари ќе биде влечена ждрепката на групите за Европското првенство (ЕП) во 2026 година, во машка и во женска конкуренција. Во Бари, на претходното Европско првенство, во 2023 година, Македонија испиша историја со настап во осминафиналето против селекцијата на Италија, како најголем успех на континенталните собири, а сега повторно ќе се врати на оваа локација, со надеж дека ќе има среќна ждрепка во групата, велат од Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). На континенталниот шампионат в година ќе играат Италија, Финска, Бугарија и Романија како домаќини на првенството, Полска, Словенија, Франција, Холандија, Србија, Украина, Германија и Португалија според пласманот на ЕП 2023, Данска, Белгија, Чешка, Естонија, Швајцарија, Грција и Словачка како првопласирани во квалификациските групи и Македонија, Летонија, Турција, Израел и Шведска како најдобри репрезентации меѓу второпласираните селекции во седумте групи во квалификациите. Г.И.