Уметничкото лизгање веќе не е на списокот на оние спортови во кои Русите не можат да се натпреваруваат со остатокот од планетата, како и класичното брзо лизгање, брзото лизгање на кратки патеки, пливањето, синхронизираното пливање, пливачките штафети, тимските скокови во вода, гимнастиката…
Последните вести на темата „Спортски санкции против Русите“ доаѓаат од светот на спортот во кој Русите се меѓу најдобрите во светот, и тоа поради еден потег, според многумина, неочекуван, направен од руска страна, пишува српскиот дневен весник „Новости“. Пред неколку дена руските медиуми објавија дека нивните гимнастичари „конечно добиле дозвола да се натпреваруваат на меѓународни натпревари“, но подоцна одбија. Русите го освоија екипното злато на последните Олимписки игри на кои им беше дозволено учество (Токио 2020).
– Сите руски спортисти што добија „неутрален статус“ одлучија да се воздржат од учество на натпревари под покровителство на Меѓународната гимнастичка федерација (ФИГ) – извести руската новинска агенција „РИА новости“, пренесе „Новости“.
Тоа беше објавено во соопштението на Руската гимнастичка федерација.
– Сите руски спортисти што ја застапуваат уметничката и ритмичката гимнастика, кои добија „неутрален статус“, решија да се воздржат од учество на натпревари под покровителство на ФИГ. Причина за ваквата одлука се многубројните неосновани и пристрасни одбивања на специјалниот комитет на ФИГ да дозволи учество на нашите гимнастичари – се наведува, меѓу другото.
Олимписката шампионка, која не доби неутрален статус, Викторија Литунова, им се заблагодари на гимнастичарите што одбија да се натпреваруваат. Како што изјави изворот за „РИА новости“, меѓу најчестите причини за одбивање да им се дадат дозволи на поединечни гимнастичари се „објавување разгледници на социјалните мрежи за 9 мај, учество на свечени концерти посветени на Денот на победата и фотографии со деца во воени униформи од Втората светска војна“, посочува агенцијата, пренесе „Новости“.
На листата не се најде и Никита Нагорни, најдобар руски гимнастичар, кој неодамна беше погоден од санкции на Европската Унија, пишува „Новости“. Во 2022 година, Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) препорача спортистите од Русија и од Белорусија да бидат суспендирани од меѓународни натпревари поради конфликтот во Украина. Тогаш ИОК одлучи да им дозволи на Русите и на Белорусите да учествуваат на Олимписките игри во Париз под неутрално знаме, во индивидуални спортови, кои не поддржуваат воена операција и не се поврзани со војската, пишува „Новости“. Во јули 2023 година Меѓународната федерација за гимнастика објави дека на спортистите од Русија и од Белорусија ќе им биде дозволено да се натпреваруваат со неутрален статус од 1 јануари 2024 година. Водечки руски медиуми објавија на 25 февруари 2025 година дека „Интернационалниот олимписки комитет побарал од спортските федерации да им дозволат на Русите да учествуваат во квалификациите за следните Зимски олимписки игри“, а потоа, на 9 март, претседателот на ИОК во заминување Томас Бах ги повика федерациите за зимски спортови да го проучат прашањето за прием на Руси, пишува „Новости“.
– Мисијата на олимпиското движење е да обединува. Ова е нешто што федерациите за зимски спортови мора особено внимателно да го разгледаат – рече Бах за американската новинска агенција „Асошиејтед прес“, пренесе „Новости“.
Еден од омилените спортови на Русите, уметничкото лизгање, веќе не е на списокот на оние во кои не можат да се натпреваруваат со остатокот од планетата. Меѓународната унија за уметничко лизгање одлучи дека руските натпреварувачи, без знамиња и химни, отсега можат да учествуваат во уметничко лизгање, класично брзо лизгање и во брзо лизгање на кратки патеки. Светската федерација на пливачки спортови ги покани Русите да учествуваат на Светското првенство во кратки базени. Иако имаа само две недели да се организираат, да ги добијат сите потребни документи и да пристигнат во Будимпешта, освоија неколку златни медали, а Светската федерација на пливачки спортови донесе одлука да им дозволи на Русите како „неутрални спортисти“ да се вратат во синхронизирано пливање, пливачки штафети и на тимски скокови во вода, пишува „Новости“. Н.М.